4 „правила“ за уредување дневна соба што слободно можете да ги прекршите
Троседот не мора да биде фокусна точка, а ако имате повеќе простор, ни телевизорот не мора да биде сместен на средината на ѕидот.

Ако го уредувате вашиот дом, нормално дека ќе ги следите вашите желби.
Но, повеќето настојуваат да следат некои непишани правила за тоа каде треба да бидат поставени одредени елементи и парчиња мебел.
Во некои ситуации, овие правила се добри бидејќи ја земаат предвид и функционалноста на просторот.
Но, во некои случаи слободно можете да ги игнорирате – нешто што е дури и препорачливо.
Четири правила што можете да ги игнорирате кога ја уредувате дневната:
Телевизорот е центар на просторијата
Обично дневните соби се уредуваат така што телевизорот е сместен на средината на еден ѕид, а гарнитурата за седење е насочена кон него.
Положбата на гарнитурата во однос на телевизорот е логична, но тој воопшто не мора да е на средината.
Слободно можете да го поставите на едниот крај од собата и таму да ја ставите гарнитурата, а другата половина да ја претворите во нешто друго, на пример катче за читање. Или можете да го сместите телевизорот во аголот на собата.

Троседот (или аголната гарнитура) се фокусна точка
Во дневните соби, троседот или аголната гарнитура најчесто се поставени како фокусна точка, а потоа се додаваат други елементи за седење, како двосед или фотелја.
Но, наместо тросед или аголна гарнитура, можете да експериментирате со неколку помали елементи.
На еден дел од собата нека има тросед, но во фокус нека бидат помалите елементи како фотелји или удобни столчиња.
На овој начин просторот за седење ќе биде и пофлексибилен.

Домашната канцеларија и дневната соба треба да бидат одвоени
Не секој има посебна соба за домашна канцеларија, па сосема во ред е ако ја вметнете во некој дел од домот, за да не мора да работите на масичката во дневната или на трпезаријата.
Изберете едно катче и уредете го така што ќе се вклопува со останатиот дизајн на собата.
Ставете мало биро со повеќе фиоки или шкафчиња каде што ќе можете да ги ставите сите предмети што ви требаат за работа.

Користете подни и столни ламби за амбиентално светло
Подните и столните ламби создаваат одлична атмосфера.
Но, ако немате доволно простор не значи дека треба да се откажете од амбиенталното светло.
Может да ставите и ѕидни ламби кои не зафаќаат простор, а изгледаат исто добро.

Спирова С. | Црнобело