Најлесниот чоколаден колач – го правам секојпат кога имам ненајавени гости
Неодамна пребарував десерти без јајца и наидов на чоколаден колач со необично име, но ќе се фокусирам на неодоливиот вкус и на тоа колку лесно и брзо се прави.

Пребарувајќи рецепти без јајца, по Фејсбук групи наидов на повеќе рецепти во коментари од македонски домаќинки кои подготвуваат колач со неславно име „црнец без јајца“.
Но, ние ќе го нарекуваме чоколаден колач, кој многу наликува на тортите кои нашите баби ги правеа во минатото.
Се прави навистина многу лесно, генерално со состојки што речиси секогаш ги имаме дома, се мешаат сите и се пече.
Го подготвувам секојпат кога за брзо време очекувам гости и вкусот е неодолив.
Потребни состојки:
За смеса:
- 2 шолји шеќер
- 3 шолји јогурт
- 1/2 шолја зејтин
- 3 шолји брашно
- 3 лажици какао
- 2 мали лажички сода бикарбона
За глазура:
- 30ml млеко
- 8 лажици шеќер
- 2 лажици какао
- 125g путер или маргарин (јас преферирам путер)
- 150g чоколадо (за готвење, но преферирам да е млечно за поубав вкус)

Начин на подготовка:
- Во длабок метален сад ги ставам прво сувите па течните состојки за смесата. Користам шолја од отприлика 200ml, но важно е за сите состојки да се користи истата.
- Состојките ги мешам убаво прво со дрвена лажица, а потоа со силиконска маталка додека смесата не се изедначи, да стане мазна и без грутчиња.
- Во меѓувреме рерната се загрева на 220°С, а тавата се премачкува убаво со масло насекаде и се истура смесата.
- Печете 20-25 минути, а пред да извадите задолжително со чачкалица проверете во средина дали е испечено тестото (мене првиот пат не ми беше и остана живо), ако има потреба покријте го со фолија и печете уште 10-тина минути на намалена температура додека чачкалицата не биде сува.
- Извадете го од рерна колачот и оставете да се лади, а во меѓувреме во мало тенџере ставете ги сите состојки за глазурата.
- Мешајте убаво и често, а кога ќе се растопат намалете на среден оган додека убаво да згусне смесата и да нема грутчиња и гранули од шеќерот.
- Кога ќе биде изладен колачот, исечете го на коцки и прелијте со чоколадната глазура па оставете во фрижидер да се излади.
- Може да се сервира со замрзнати малини за посвеж вкус.

Дополнителни совети (од искусени грешки):
- Смесата е соодветна за во поголема тава, ако гледате дека количината ја преминува половина од висината на тавата, остатокот од смесата печете го во друг сад за поубаво да се испече средината (не треба да биде течно внатре).
- Пред да го служите колачот оставете го малку на собна температура, повкусен е кога е помек.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
