Рецепт за француска салата за новогодишните празници
Освен руската салата, која е кралица на новогодишните празници, и француската е обожавана во македонските семејства како полесна - со сирење, шунка и свежа краставица. Како да ја направите?

Новогодишните празници во македонските семејства не поминуваат без традиционалните крем салати како руска и француска.
За руската салата ви споделивме домашен рецепт, а сега ви предлагаме рецепт и за француска салата, која се смета за поосвежителна заради сирењето и свежата краставица.
Секако, количината на состојките може да се менува зависно од вкусот и структурата која ја преферирате, но пожелно е да биде ситно сечкана и покремаста.
Потребни состојки:
(количината на состојките може да се менува зависно конкретните производи кои се користат и структурата, но и по сопствен вкус)
- 500g сирење, издробено
- 600g шунка, ситно исечкана
- 2 свежи краставици, ситно сечкани на коцки
- 500-600g павлака
- 50g мајонез
- 150g мелени ореви
- 2-3 чешниња лук, многу ситно сечкани (може и во прав)
- Сол по вкус
Начин на подготовка:
- Исечкајте ги ситно сите намирници, освен оревите кои треба да ги смелете, па ставете ги сите заедно во еден сад и измешајте ги.
- Потоа додадете павлака и мајонез и убаво мешајте додека не се соедини смесата.
- Павлаката може да ја додавате постепено, па по потреба додадете или одземете, доколку не ви се допаѓа густината на смесата.
- Покријте го садот со салатата со проѕирна фолија и ставете ја да се лади во фрижидер неколку часа пред да послужите.
- Може да ја сервирате со малку мелени ореви одозгора и свеж босилек.

M. M. | Црнобело
