Во кујна со Ангела: Рецепт за кочански сутлијаш – само со млеко, како што го правела мајка ѝ
„Јас сутлијашот го сакам само со млеко, не и со вода, тоа е оригинален рецепт, така го правеа и мајка ми и баба ми“ - вели за CRNOBELO.com Ангела и ни сподели рецепт за сутлијаш.

Ангела Костадинова (25) e медицинска сестра од Кочани, која е вљубеник во готвењето уште од најмала возраст и ужива да подготвува традиционални рецепти.
Сега таа ни сподели рецепт за сутлијаш, оригинален, на кочански начин, а вели дека го прави само со млеко, не и со вода како многумина.
„Има многу рецепти за сутлијаш, а многумина го прават пола со вода пола со млеко. Јас не би се сложила и сметам дека правиот рецепт е само со млеко.
Не само мојата мајка и баба што прават така, туку така го правела и мајката на мојата баба. Па баба ми често ќе се пошегува дека скржавите го прават со вода за да не потрошат многу млеко“.
Ако и вие сте љубители на овој традиционален, вкусен десерт, време е да си го направите, бидејќи е многу едноставен и неодолив.
Потребни состојки (за 4 мали садчиња - ако сакате повеќе дуплирајте количина):
- 1 чашка од 250мл ориз
- 8 чашки млеко
- Шеќер и ванила по вкус (минимум 300g шеќер - Ангела става од око и пробува кога е доволно на вкус)
Начин на подготовка:
- Го ставам млекото да се свари и кога ќе зоврие го додавам оризот и го оставам на ниска температура.
- Го варам со постојано мешање, бидејќи многу лесно може да загори кога се прави само со млеко.
- При крај, кога е веќе сварен оризот, ставам ванилин шеќер и шеќер по вкус и цело време пробувам кога е доволно, па продолжувам да мешам.
- Од шеќерот повторно ќе стане поретко, но продолжете со варење уште малку додека убаво не згусне како пудинг (тоа е по мој вкус).



Ангела (25) од Кочани: „Од 10 години готвам традиционален ручек за дома, рецептите и талентот ми се од баба ми“
М. М. | Црнобело