Сезона на зимници: Рецепт за домашен ајвар, лутеница, малиџано, пиперки и кисели краставички

Една од најстарите и највкусните македонски традиции е подготовката на зимници, подрум и остава полни со тегли со шарен зеленчук, ајвар за зимските утра, лутеница и малиџано, секако кисели краставички и туршија за мезе со чашка ракија.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-01.jpg

Секоја есен македонските домаќини/ки ги засукуваат ракавите и по цели денови ја подготвуваат зимницата која ќе го слади семејството во текот на зимата.

Сега дури и во зима може да се купи овошје и зеленчук, но порано, зимницата била основна намирница во зимските денови, а пак туршијата ги заменувала свежите продукти.

И иако маркетите нудат широка понуда, многумина Македонци ќе се сложат дека од домашната зимница нема повкусна.

Па, затоа октомври е месец на зимницата, кога се полнат пазарите со многу пипер, домати и модри патлиџани, кога се бараат рецепти од баба и кога се викаат соседите на помош за лупење.

Традицијата на правење на зимници е една од најдлабоко вкоренетите во македонската срж, каде се сплотува семејството со блиските, се работи заедно и сложно, напорно и вредно, за зимата полиците да се полни со тегли.

Ајварот, лутеницата, малиџано, печените (пеглани) пиперки и киселите краставички се незаменлив дел од македонската кујна и трпеза, а нивната подготовка е заеднички вложен труд на целото семејство.

За оваа зима, засукајте ги ракавите и направете барем еден од следниве рецепти кои јас ги „украдов“ од мојата мајка.

Ајвар

„Македонскиот кавијар“ е најтрадициoналната македонска зимница, дел од секоја трпеза, посебно во зимските денови комбинирана со сирење и топол планински чај.

Потребни намирници:

  • 30kg благ пипер
  • 1kg лут пипер
  • 2,5 l масло за јадење
  • 3kg модар патлиџан
  • 100g шеќер
  • 200g сол/или по вкус

Начин на подготовка:

  • Пиперките се мијат, печат, лупат и мелат.
  • Модриот патлиџан се пече во рерна, а потоа се лупи и меле.
  • Прво се става измелениот пипер во тенџере и се остава да изврие. Постепено се додава маслото за јадење.
  • Потоа се додаваат и измелените модри патлиџани. Се меша постојано и се додава масло по потреба.
  • На крај се додаваат солта и шеќерот.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-05.jpg

Лутеница

Ако ајварот е шампион, тогаш лутеницата е вицешампион во македонската зимница. Одличен микс од домати и пиперки со слаба или посилна лута нота, зависи од вкусот.

Потребни состојки:

  • 12kg црвен пипер
  • 6kg црвени домати
  • 700ml масло за јадење
  • 300g алкохолен оцет
  • 400g шеќер
  • 6 супени лажици сол
  • 3 китки магдонос
  • 4 главици лук
  • Феферонки

Начин на подготовка:

  • Доматите се печат во рерна, а потоа се вадат лушпите и се сечкаат. Пиперките се печат, лупат, па се сечкаат на долги ленти.
  • Маслото за јадење, оцетот и шеќерот се мешаат и се зовриваат околу три минути во големо тенџере.
  • Потоа се додаваат исечканите домати и пиперки. Се пржи убаво околу еден час, а потоа се додаваат ситно сечканите лук и магдонос и се зачинува со сол по вкус.
  • Готовата зимница се собира во стоплени тегли, а потоа, во секоја се додаваат феферонки, кои ќе ѝ ја дадат на лутеницата причината за нејзиното име. Во зависност од вашиот вкус можете да додадете повеќе или помалку лути пиперчиња.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-03.jpg

Малиџано

Третото место му припаѓа на малиџаното, вкусна зимница подготвена од модри патлиџани и микс на пиперки.

Потребни состојки:

  • 5kg пипер-црвен, зелен и везен пипер
  • 10 модри патлиџани со средна големина
  • 150g шеќер
  • 50ml вински оцет
  • 150g сол
  • 1l масло за јадење
  • 3 супени лажици сенф

Начин на подготовка:

  • Пиперките и модрите патлиџани се печат, лупат и мелат, па целата смеса се пржи.
  • На почетокот се додаваат солта и оцетот, на крај, кога малиџаното е готово, се додава и сенфот.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-04.jpg

Кисели краставички

На полиците со зимница не смеаат да недостасуваат тегли со кисели краставички, одлична замена за салата со свежа краставица и добро мезе со ракија во зимските вечери.

Потребни состојки:

  • 3kg корнишоњи
  • 3 супени лажици сол
  • 2 супени лажици шеќер
  • ½ литар алкохолен оцет
  • 1 винобран
  • 1½ литар вода
  • Бибер во зрно
  • Ловоров лист

Начин на подготовка:

  • Водата, оцетот и зачините се мешаат и се зовриваат.
  • Со врелата смеса во голем сад, се преливаат измиените краставички.
  • Се остава 24 часа краставичките да ја впијат смесата, на секое два часа се промешуваат.
  • Следниот ден се ставаат во тегли и се складираат на суво и ладно место.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-02.jpg

„Печи-гмечи“ пиперки

Уште еден тип на зимница кој е замена за свежа салата за ручек или вечера. Печени пиперки со многу лукче и магдонос.

*Намирниците за оваа рецепт се по тегла.

Потребни состојки:

  • 10-15 пиперки, црвени, зелени и везени
  • 1 филџан масло за јадење
  • 1 филџан алкохолен оцет
  • 2 кафени лажички сол
  • 1 кафена лажичка шеќер
  • Магдонос и лук по вкус (колку повеќе подобро)

Начин на подготовка:

  • Оцетот, маслото и зачините се ставаат во тегла и убаво се мешаат.
  • Пиперките се потпечуваат по малку и не се лупат.
  • Топлите пиперки се ставаат во теглата. Еден ред пиперки, еден ред сечкани лук и магдонос, и така додека се наполни теглата.
  • Пиперки убаво се притискаат со толчник за да нема воздух.
  • Откако теглата ќе се наполни, се остава отворена преку ноќта.
  • Следното утро ако пиперките ја впиле многу течноста, се доправува уште малку течност со вода, масло и оцет и се дополнува теглата.

sezona-na-zimnici-recept-za-domashen-ajvar-lutenica-malidjano-piperki-i-kiseli-krastavichki-06.jpg

Се надевам дека овие рецепти од готвачот на мајка ми ќе ви бидат полезни оваа есен. Есен е арома на дожд и печени пиперки.

И. Ј. | Црнобело / Фото: depositphotos

Би можело да ве интересира:

Рецепт за посни колачи во форма на праски – омилениот десерт од детството Идеални за посниот период - можете да подготвите поголемо количество, а никој не...
Пита со тиква и суво грозје од готови кори – Есенски десерт за целото семејство Подгответе идеален есенски десерт со состојки што се карактеристични за нашето п...
Летен ручек по рецептот на нашите баби: Похувани пиперки со растопено сирење Наместо да ги пржите, овие пиперки се подготвуваат во рерна, а ќе ви се допаднат...
2 рецепта за посното мени на Свети Никола што може да ги подготвите и во последен миг Рибата можете да ја испечете во Air Fryer, а во компир салатата да додадете и ма...
Ќе барате уште едно парче: Торта од редени палачинки и фил со Нутела крем Торта од палачинки со фил од Нутела... Звучи примамливо нели? Погледнете како да...
Рецепти за 3 брзи ролати за новогодишната трпеза Чоко ролат со крем банани, или ролат со кокос... Изберете некои од нашите предло...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg