Вирална објава по убиството во Босна: „Гледав полицаец како прашува помодрена жена: А ти го налути ли некако?“
- Детали
- среда, 16 август 2023
„Гледав моја блиска женска личност со модринки како изговара: ‘Само јас да не го направев тоа и тоа, тој немаше да ме удри. До мене е...’“, пишува една Босанка по убиството на Низама Хеќимовиќ од страна на нејзиниот невенчан сопруг Нермин Сулејмановиќ и испраќа моќна порака.
Босанската писателка и новинарка Бранкица Раковиќ објави текст, инспириран од немилиот настан во Босна и Херцеговина кој го згрози регионот.
По убиството на Низама Хеќимовиќ од страна на нејзиниот невенчан сопруг Нермин Сулејмановиќ, пред очите на нивното бебе, Бранкица проговори за семејното насилство.
Нејзината објава, која се споделува вирално, гласи:
„Слушате и читате ли и вие овие денови како МОРАТЕ ова и ова?
Како вие морате да ги воспитате синовите и ќерките вака и така?
Како сите одеднаш знаат што можеле да направат жените кои повеќе ги нема?
Ќе ви мерат на каков начин сте ги направиле работите… Полна чинија памет, а всушност таа дупната.
Гледав полицајци на моја блиска личност – помодрена жена, како ѝ поставуваат прашање: „А дали ти него некако го налути?“
Гледав друга исто така моја блиска женска личност со модринки како изговара: „Само јас да не го направев тоа и тоа, тој немаше да ме удри. До мене е...“
Знаете ли што можев во двата случаи да направам? Тогаш, за жал, ништо, освен да бидам таму за нив.
Што можам сега? Еве што правам, пишувам јавно.
Но, дали е доволно? Ниту одблиску, барем според мене е ништо.
Не давајте да ви го одвлечат умот од најголемата вистина: Решението на овој проблем мора да дојде системски. Почнувајќи од прво одделение на основно училиште, па до работното место. Да, сѐ започнува од дома, но што кога децата ќе излезат од дома?
Говориме за зголемување на наталитет, а жените умираат во своите домови пред штотуку родени бебиња.
Говориме за зголемување на наталитет, а полицијата и судиите не им веруваат на жените кои се плашат од партнерот.
Семејното насилство не е приватна работа.
На колку само жени им било срам кога биле жртви и се труделе да го задржат тоа за себе и сосетката која сакала да повика полиција ја убедувале дека не им е ништо?
Ајде да не ги обвинуваме нив.
Ајде да создадеме општество во кое ТОЈ ќе се плаши од последиците, ако помисли да дигне рака.
Во кое ТАА нема да се плаши да го пријави за насилство, затоа што ќе знае дека не е сама.
Немојте да сме оставени сами на себе, заедно сме посилни“.
С. С. | Црнобело/ фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





