Уништен бич бар, туристите панично напуштаат сместување – Снимки од пожарот на Тасос во близина на Лименас
- Детали
- четврток, 10 јули 2025
На неколку километри од Лименас, помеѓу плажите La Scala и Glikadi, цела ноќ беснееше пожар, а страшниот призор предизвика паника кај туристите кои се упатија кон пристаништата - снимките изгледаат страотно, но пожарот утрово е ставен под контрола.

На островот Тасос синоќа изби шумски пожар, во областа Гликади, во близина на Лименас или како што пишуваат помеѓу плажите La Scala и Glikadi.
Во текот на ноќта призорот бил страшен, а огнените стихии заради силниот ветер брзо се ширеле и стигнале дури до патот.
KavalaNews известува дека еден бич бар бил целосно уништен, веројатно поради експлозија од кујнските апарати и плински уреди, според сведoци.
Иако пожарот е далеку од населените области, сепак е видлив и изгледал застрашувачки, што било доволно за дел од туристите да си ги спакуваат куферите и да создадат метеж во сообраќајот на пат кон пристаништата.
Официјално, освен еден хотел каде била дадена наредба за евакуација, само заради превенција, ниту едно друго место не е евакуирано и се замолува за смиреност.
На Фејсбук групите, каде се објавуваат видеа од пожарот, многу Срби и Македонци прашуваат каква е ситуацијата бидејќи во секој момент треба да пристигнат на островот за да го започнат својот одмор.

Градоначалникот на Тасос, во текот на ноќта, пак, напишал Фејсбук порака во која бара да не се известува за пожарот, за да не се прави непотребна паника кај населението и туристите кои треба да доаѓаат.
„Ве молам престанете со објавите кои го паничат светот! Се создава паника кај локалците и туристите, без никаков резултат. Цел Тасос е обединет во првите линии на фронтот. Она што е потребно е смиреност и координирана акција“ – пренесува KavalaNews.
Грчките медиуми пишуваат дека 18 пожарникари со 9 возила и уште 2 пешадиски единици биле мобилизирани да го гасат пожарот, а уште 33 пожарникари со 6 возила пристигнале со траект од Кавала и Керамоти за да помогнат да ја смират огнената стихија. Рано утрово гаснењето продолжило со помош на авиони.
На видео во живо од камерите пред Hotel Angelica може да се види како пожарот беснее во текот на ноќта, а сега веќе е под контрола.
Уште неколку снимки од пожарот:
М. М. | Црнобело
