Браво! Наставничка и ученици од Негорци направија мурал со мозаик на игралиштето на нивното училиште (фото)
- Детали
- петок, 13 јуни 2025
„Муралот со мозаик го работевме околу 3 месеци, а на него работеа 26 ученици“, открива наставничката по ликовно Анамарија Митриќеска-Кал’чева од ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци.

Наставничката по ликовно Анамарија Митриќеска-Кал’чева, која предава во ООУ „Ристо Шуклев“ веќе е препознатлива по креативните активности што ги организира со своите ученици.
Сега организирала уште еден проект – учениците со нејзина помош изработија мурал на надворешниот ѕид на игралиштето на нивното училиште.
Делумно инспирирана од романот „Бескрајна приказна“ за дизајнот на муралот, наставничката вели дека сакала да направат нешто ново, убаво и инспиративно во училиштето.
Наставничката открива и детали за изработката:
„Идејата за да се изработи мурал на надворешниот ѕид на игралиштето на ООУ 'Ристо Шуклев' во центарот на Негорци ја предложија на советот на родители лани кон крајот на годината.
На директорката ѝ се допадна, ми пренесе, прифатив, но исто така потенцирав и дека ова е многу голем проект. Имаме доста искуство и пракса, па не се сомневав дека ќе успееме.
Се работи за 60 квадратни метра ѕид, 30 метра во должина, 2 во висина.
Лани летото го осмислив концептот кој е делумно инспириран од романот „Бескрајна приказна“. Идејата ми е да се вметне нешто ново убаво и инспиративно, слично како во романот, односно сега-бескрајна креација-уметност, дух, инспирација.
Муралот со мозаик го работевме околу 3 месеци, а на него работеа 26 ученици.
На делот за мозаикот 4 момчиња (а понекогаш и повеќе): Мартин Ристов, Марјан Марков, Ристе Петров и Никола Карагонов од 8 одд. и седум од 9 одделение-Ален Ибрахимович, Танче Туртуров, Јован Станчев, Илија Кованцалиев, Давид Петров, Тоше Проданов и Тодор Лазаров, а девојчињата го работеа делот со цртањето и сликањето.
Шест од VIII одделение: Симона Ташкова, Снежана Стојевска, Жанета Трајкова, Елена Бучкова, Софија Стојевска и Златка Георгиева, две од VII одделение – Душица Трајкова и Николија Мурџева, а подоцна се приклучија и уште 4 девојчиња од VII одделение: Анастасија Стамкова, Илина Боболкова, Мила Маркова и Стефани Поп-Ѓорѓиева.
На крајот за фугирањето, чистењето и полирањето ни се приклучија уште три ученика, Калин Узунов, Илија Петреаки и Павел Самарџиев.
Главниот концепт е од мене, а децата скоро сè останато сами осмислија и нацртаа, секако со моја помош, насоки и сугестии.
Посакувам во иднина уште многу интересни денови исполнети со креативност и убавина.