Јелена Спенџарска си ја соголи душата: „Плачам кога луѓето се злобни кон мене, страв ми е дека никогаш нема да имам деца“
- Детали
- петок, 04 јули 2025
„Не ми беше лесно да се отворам. Може ќе ме разберете, може не, можеби поминувате низ истото... Се плашам дека никаде нема да се чувствувам како да сум вистински ‘дома’. Научив како да останам смирена додека тонам емоционално - и тоа ме плаши“ - се дел од работите кои Јелена ги сподели јавно.

Јелена Спенџарска долги години е едно од најпрепознатливите телевизиски лица кај нас, а во поново време таа е и инфлуенсер, жена која со своите објави знае да мотивира многу луѓе, но и да предизвика револт кај други.
Поттикната од тоа што се презентира на социјалните мрежи, од сликата за идеален живот која сакаат да ја прикажат многу луѓе, особено инфлуенсери, а која не е реална, таа реши да направи нешто поинакво - да се соголи пред своите следбеници и да им ја покаже својата ранлива страна.

Преку порака на Инстаграм Стори, таа ја започна својата приказна:
„Како некој што доста време поминува на социјални мрежи (пола мој живот е таму), ме интересира нормално и што прават другите, но и ние да се претставиме во некое најдобро светло.
Има нешто што многу ме загрижува во последно време, посебно кога јас не се чувствувам добро, кога имам некој проблем или мака, е тоа што, мислам дека луѓето многу „фејкаат“ - мислам, нормално е, меѓутоа, треба да има некоја граница, некоја линија на тоа колку е животот преубав на социјалните мрежи.
Затоа решив да споделам дел од мојот живот кој вие не го знаете, односно го знаат блиските мои, но не и пошироката јавност.
Не дека е некоја тајна, меѓутоа е нешто за кое јас не зборувам многу често, но сакам да му дадам повеќе акцент, зашто, колку ѝ да „ни е убаво“, колку и да сме „среќни“, колку и да ни е „сè супер во животот“ - тоа не е вистина.

Има и добри и лоши страни во животот, и подеми и падови, иако никој не зборува за тие падови, затоа што сите се толку посветени на своите подеми, што, се создава некој немир кај луѓето што нè следат и си викаат: „Леле види ја оваа колку убаво живее, сакам и јас“. Значи се споредуваат. И јас сум се споредувала.
Не ми беше лесно да се отворам. Може ќе ме разберете, може не, можеби поминувате низ истото, можеби не, но многу ќе ми значи ако ми пишете порака или коментар, затоа што сакам да знаете дека не сте сами низ што и да поминувате, но сакам да знам дека и јас не сум сама, кога поминувам низ тешки моменти.
Сакам само да бидам малку повеќе реална со вас (иако мислам дека и до сега бев) и да ви кажам дека сите ние сме само луѓе со свои несигурности, трауми, добри и можеби не толку добри страни...
За ова ме инспирираше една инфлуенсерка од соседството, па решив да се отворам и јас, иако 50 пати се предомислив верувајте“.

На фотките, на кои текстот е на англиски јазик, зашто, како што вели самата, сака да допре до што повеќе луѓе, Јелена открива работи за себе кои не ги знаат многумина, а почнува со најавата: „Дозволете да ве деинфлуенсирам“.
Ова се работите што таа ги споделува за себе, а се дел од нејзиниот живот, карактер, размислување:
1. Се плашам дека никаде нема да се чувствувам како да сум вистински ‘дома’.

2. Понекогаш посакувам да можам да почнам одново на место каде што никој не ме познава - само за да можам целосно, без извинување да бидам своја.

