„Влатче, дете од кое сите наставници бевме испочитувани“ – Сеќавања на Влатко Илиевски, 7 години откако прерано нè напушти
- Детали
- понеделник, 07 јули 2025
Елена Ристеска објави заедничка фотка со него и напиша „7“, манекенката Викторија Јаначковиќ напиша „Ми недостасуваш драг пријателе“, неговиот татко не престанува да објавува спомени и сеќавања од прерано починатиот син, а наставниците се сеќаваат на неговата добрина и добро воспитување - 7 години откако згасна животот на синоокиот рокер со мека душа, Влатко Илиевски, кој пред 5 дена ќе наполнеше 40 години.

Пред 7 години ненадејно нè напушти нашиот музичар Влатко Илиевски и ги остави сите во неверување и болка која уште не стивнува.
Синоокиот убавец и рокер со мека душа почина на 6 јули 2018-та, на само 33 години, а оваа година, пред само 5 дена, тој ќе наполнеше 40.

Неговата смрт ги погоди сите кои го познаваа неговото лик и дело - неговите фанови, но секако, најмногу неговото семејство и пријатели, кои секојдневно живеат со празнината која ја остави.

Неговите колеги од естрадата честопати знаат јавно да се потсетат на спомените со него, а овој пат, 7-годишнината од неговото заминување, меѓу другите ја одбележаа Елена Ристеска и Викторија Јаначковиќ.
Елена објави заедничка фотографија со него и кратко и јасно напиша „7“ со скршени срцa.

Поранешната манекенка Викторија, која исто така беше блиска со него, објави негова фотографија и напиша „Ми недостасуваш драг пријателе“.

Неговиот татко пак, Драган, на својот Фејсбук профил постојано споделува објави во сеќавање на талентираниот син, изведби на песни од страна на Влатче, но и емотивни зборови кои се пишуваат за никогаш преболениот музичар.
Во април годинава, тој ни ги наврати спомените на еден настап на Влатче со ДНК, а сега веројатно и тој и Андреј, пеат со ангелите.
На фан страницата на Влатко Илиевски, на 2 јули, по повод неговиот роденден, беше објавен колаж со фотки од него, а во коментари сите кои го познавале пишуваат за неговата добрина и потсетуваат каков човек сме изгубиле.

Дел од нив гласат:
„Премногу воспитано дете, штета што замина толку млад“.
„Дете наше карпошовско... Дете од кое сите наставници бевме испочитувани... Дете наше почивај во мир заедно со другите од наше школо!“
„Пеј со ангелите“.

За потсетување, Влатко Илиевски беше пејач на поп и рок музика, а неговата кариера започна уште во 2000-те години. Тој беше дел од групата „Морал“, а потоа продолжи со својата соло кариера.
Неговите „Небо“, „Русинка“, „Најбогат на свет“, „Гушни ме“, „Лето“ нема да избледат, ниту споменот за младиот уметник, на кој музиката му беше храна за душа, нема да избледи.
Прочитајте и „Со тебе најдов среќа“ - Досега необјавена песна на Влатко Илиевски, музичарот кој прерано го загубивме (видео)

Најемотивната објава на Тамара Тодевска од пред 5 години, во спомен на Влатче, прочитајте ја ТУКА.
М. М. | Црнобело
