Нина Ангеловска е во Кина, каде има најава за тајфун: „Стаклените врати во хотелот ги запечатија, го стопираа јавниот превоз“
- Детали
- среда, 24 септември 2025
„Ние престојуваме во хотел во Гуангџоу каде се преземени мерки и не работат училишта, јавен превоз, фабрики, продавници, транспорт, а се спроведуваат и евакуации од одредени области“, вели Нина Ангеловска Станков (37) од Скопје за CRNOBELO.com за предупредувањата од тајфунот Рагаса, кој пред неколку денови беше прогласен за најсилната бура за оваа година.

Нина Ангеловска Станков (37) од Скопје е претседателка на Асоцијацијата за е-трговија, на Балканската Алијанса за е-трговија и на Алијансата за родова еднаковост на работното место.
Таа моментално е на подолг престој во Кина поради работни обврски (тренинг за роботска хирургија) на сопругот Виктор Станков (доктор-уролог на Универзитетската клиника за урологија).
Парот е во градот Гуангџоу, а со нив е и синот Стефан, кој токму во Кина ги направи и првите чекорчиња.

Прочитајте и Нина Ангеловска за престојот во Кина со сопругот и бебето: „Овошје на тезга се плаќа со QR код, во хотелот нè услужуваат два робота“
Инаку, дел од азиските земји се погодени од тајфунот Рагаса, кој пред неколку денови беше прогласен за најсилната бура за оваа година.
Сега, пак, зафаќа делови од Кина каде речиси 2 милиони лица се евакуирани. Во десет градови, надлежните преземаат превентивни мерки.
Еден од нив е и Гуангџоу.

Нина за CRNOBELO.com споделува какви мерки се преземаат во врска со најавата за тајфун во местото каде што престојуваат:
Од вчера (23.09) се преземени мерки од владата.
Ние сме во Гуангџоу... Мерки има и за Шенџен, кој е поизложен, и за Гуангџоу – не работат училишта, јавен превоз, фабрики, продавници, транспорт, а се спроведуваат и евакуации од одредени области.

Во хотелот во кој престојуваме се преземени мерки – стаклените врати се дополнително заштитени и запечатени, предметите пред хотелот се отстранети и слично.

Насоките се да не се излегува и да не се седи блиску до прозорци.

Засега има ветер и врне, а пријатели од тука посочуваат дека Гуангџоу се смета за „lucky place“ (т.н. среќно место) во вакви ситуации поради локацијата, па секој пат кога има силен тајфун како овој, влијанието е помало“.



Прочитајте и Застрашувачки видеа од супертајфунот во Азија – над 100 исчезнати во Тајван, 2 милиони евакуирани во Кина
С. С. | Црнобело
