Александар Динев: „На 15 години имав обид да си го одземам животот“
- Детали
- среда, 22 април 2026
„Кога почнаа да стигаат тие негативни коментари, особено пораки дека сакаат да ме убијат мене, мојата фамилија, знам кај живееш, прекини да снимаш, таков си, оваков си, морам да признам дека тоа беше еден од најтешките периоди за мене, каде што јас имав суицидни мисли. И дури имав и обид за таква нешто“, вели Александар Динев.

Најпопуларниот тиктокер во Македонија, Александар Динев денес одлично се носи со сите коментари и навреди кои, за жал, ги добива често преку социјалните мрежи.
Но, тоа не било секогаш така - низ годините, Динев бил жртва на булинг, закани, исмевање, лоши коментари, поради што, во еден момент, кога имал 15-ина години, почнале да му доаѓаат суицидни мисли, дури и пробал да си го одземе животот.
Сето ова, Александар го раскажа во подкастот кај Марио Арангеловски, „Естраден лексикон“.

„Растен си во помала средина, си поминал еден пат на булинг, зашто знаеме дека кога ќе почнеш јавно да се експонираш прво си предмет на потсмев, а кога ќе достигнеш некое ниво, одеднаш сите те почитуваат, па се лажни пријатели...
Колку сето ова влијаеше на твоето ментално здравје во тој период, зашто многу луѓе би подлегнале и на суицидни мисли...“, вели Марио.

По ова, почнува искрената исповед на Александар, дека и тој бил еден од тие луѓе кои пробале да си го одземат животот.
„Кога почнував, тоа беше ново за мене, затоа што одеднаш се случи да јас добијам голем наплив и на прегледи, и следбеници, и лајкови, дислајкови.
Пред да почнам дури и да снимам на социјални мрежи, јас бев она дете што беше така малку „избац“, дефинитивно интровертен и бев така пополн. И луѓето многу ми се исмеваа за тоа.
Кога почнав со социјалните мрежи, веќе малку имав подослабнато и сето тоа. Бев навикнат на булингот во училиште.
И кога се случи појавувањето на социјалните мрежи, почна друг тип на булинг да добивам, за одредени други работи.
Не само за физичкиот изглед, туку за тоа како се облекувам, како се однесувам, па за дијалектот, технички ме правеа неписмен.

А јас бев само 15-годишно дете што одлучило да застане пред камера и да си го документира животот.
Знаев дека ќе има такви коментари, но не знаев во каков обем тоа да го очекувам.
Кога почнаа да стигаат тие негативни коментари, особено пораки дека сакаат да ме убијат мене, мојата фамилија, знам кај живееш, прекини да снимаш, таков си, оваков си, морам да признам дека тоа беше еден од најтешките периоди за мене, каде што јас имав суицидни мисли.
И дури имав и обид за таква нешто.

Тоа е нешто што не сум го зборувал вака јавно, но сакам да го спомнам, затоа што сите што ќе го гледаат овој подкаст, се надавам дека ќе можат да увидат дека тоа нема да ми бил одговорот, немало да биде решението за мене, ако јас само го прекинев мојот живот во периодот кој ми беше најтежок и кога чувствував дека цел свет е против мене.
Мислам дека бев на 15-16 години.
И некако благодарен сум што не го направив тој чекор и продолжив да се борам.
И живеам по тоа мото дека сè што ќе правам... леле, ќе плачам, извини“, вели Александар понесен од емоциите.

Кликнете и погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело
