Живко Мукаетов за детството: „Во маало бевме цел ден - дома одевме само да ручаме“
- Детали
- четврток, 11 јуни 2026
Во гостувањето во емисијата „Низ град со Кики“, Живко Мукаетов зборуваше за своето детство, средношколските денови, студиите во Лондон, но и за вредностите кои го обликувале како човек и професионалец.

Тој се присети на детството во скопската населба Козле, период кога дружењата се случувале на улица, без мобилни телефони и со многу повеќе непосредна комуникација меѓу децата.
„Се знаеше редот дома. Функционирање темелено на доверба, многу љубов и многу разбирање. Имав прекрасно детство благодарение на моите родители и сестра ми. Но, довербата беше клучна за сè да функционира“, истакна Мукаетов.
Говорејќи за односот со своите родители, тој раскажа дека и покрај големата слобода што ја имале како млади, секогаш постоеле јасно поставени правила.
„Довербата е клучна и во семејството и во градењето на односите меѓу луѓето. За неа треба постојано да се бориме и да ја потврдуваме, затоа што многу лесно се губи“, нагласи тој.
Се потсети на моменти од младоста, на ноќниот живот и дружбите:
„Детство во кое немаше мобилни телефони, туку преку тераса со моите најдобри другари се договаравме со викање кога одиме во маало. Одевме дома само да си ручаме, па пак се враќавме назад и во маало бевме цел ден.“
„Продававме пиво на домашните журки. Целото организирање беше доживување – од избор на музика и озвучување, до тоа што дури и пиво продаваме на журките. Имаше и претприемачки дух во целата приказна.“
„Работев едно лето во дискотеката „Текила“, и таму кафулето „Тифани“ имаше шанк, а дел од шанкот го менаџираа заедно со легендарниот Велибор Џаровски-Џаро, кој му беше добар пријател на мојот татко, и некако случајно падна муабет и се договоривме. Џаро си ставил машина една голема за пуканки таму, вика, така нема кој да ми ја работи и јас цело лето во „Текила“, машината за пуканки на Џаро, работев како дел од шанкот на „Тифани“. Едно прекрасно искуство, плус можеш да им овозможиш на другарите гратис карти да влезат, бидејќи ти си внатре, плус си тука на шанк, гледаш кој како што, може да те препознаат одредени, посебено твоја генерација луѓе. Стварно беше едно интересно искуство, како комбинација и на работење и на излегување.“
„На денот на дипломирањето ја офарбав косата тегет. Татко ми ме погледна и ми рече: ‘Синко, вечер истерај што ќе истераш, ама утре сакам да те видам со старата боја на косата’. И така и беше.“
Осврнувајќи се на денешните предизвици со кои се соочуваат младите, особено на појавите на врсничко насилство, Мукаетов смета дека голем дел од решението лежи во воспитувањето и примерот што го добиваат децата дома.
„Авторитетот на учителот и наставникот денес е значително нарушен. Порано, ако згрешевме, родителите беа на страната на наставникот. Денес често се бара оправдување за секое однесување. Мислам дека сите треба да се запрашаме што можеме да направиме за да придонесеме кон поздраво општество“, рече тој.
На крајот од разговорот, испрати и порака до младите:
„Бидете упорни, посветени, верувајте во себе и не бидете неми набљудувачи на општествените случувања. Секој може да придонесе за подобро општество и подобра Македонија.“
Погледнете го целото интервју:
