Вера Мештеровиќ: „Не сакав дадилка да ми ги чува децата додека јас работам - затоа ме немаше 10 години“
- Детали
- петок, 12 јуни 2026
„Многу луѓе мислеа дека не живеев тие десетина години. Сакав јас да си ги гледам децата. Сакав јас да им ги видам првите насмевки, првите чекори, јас да им зготвам, јас да им подготвам. Не сакав да дојдам дома и дадилката да ми раскажува што правеле“, вели Вера Мештеровиќ за мајчинството.

Вера Мештеровиќ, првата Мис на независна Македонија, денес е успешна водителка. Но, долги години пред да почне да работи на телевизија, таа беше една од најбараните манекенки кај нас.
Висока, згодна, со широка насмевка, таа секогаш привлекувала внимание. Но, пред многу години, кога стана мајка, таа се повлече од модната сцена и целосно ја снема, не на неколку месеци, туку околу една деценија.
Вера, сега гостуваше во подкастот „Урок“ и со Сергеј Варошлија се врати и на овој период од животот, кога ја напуштила кариерата поради синот и ќерката.

Но, признава дека не жали за ништо, напротив, среќна е со личниот избор, па вели:
„Многу луѓе мислеа дека не живеев тие десетина години. Сакав јас да си ги гледам децата. Сакав јас да им ги видам првите насмевки, првите чекори, јас да им зготвам, јас да им подготвам.
Не сакав да дојдам дома и дадилката да ми раскажува што правеле и што се случувало. Сакав јас буквално сама да си го поминам тој процес и, ете, тој процес траеше десетина години.
Децата порасна, тргнаа на училиште и јас си се вратив во својата работа. Знаеш и самиот, кога си дел од ова, имаш паузи.
Иако можеби природно и нормално е да не си постојано толку присутен, има моменти кога малку ти треба off, условно кажано. Не дека не си тука, ама не си фокус“.

„Да, некогаш ти треба пауза за да се тргнеш од сè“, ја дополнува Сергеј.

„И тоа беше таа некоја пауза, пошто приоритетите и фокусот во животот, нели, се менуваат, тогаш мене стварно ми беше фокусот ете, сакав и среќна бев што се реализирав како мајка и сакав да им се посветам и им се посветив.
И стално и педијатарот ми викаше „Стварно си by the book“ и така беше, како ќе ми кажат, така си правев, но тоа навистина го правев со срце и со душа, затоа што, ти кажав - не сакав никој да ми раскажува, сакав тоа да го поминам.
За еве денеска, да не го поминев тоа, да речеме, сега вака да ги погледам децата, јас знам и да трепнат и да не трепнат, што е со нив“, додава таа.

Кликнете и погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело
