Дејан, мајстор за гипс од Куманово: „Директно од работа одам да го земам син ми - рацете ми се валкани, комбинезонот исто“
- Детали
- петок, 17 јули 2026
„И додека се приближувам до училиштето, гледам луѓе средени, чисти, а јас како што сум, после цел ден крвава работа. За секунда ми поминува низ глава, можеби ќе се засрами. Но, не! Можеби за светот сум само уморен и валкан работник по смена, но во очите на син ми - јас сум најголемиот човек на светот“, емотивно вели Дејан Петровски од Куманово, мајстор за поставување гипс-картонски плочи, сопруг и татко на 3 сина.

Дејан Петровски од Куманово е мајстор за поставување гипс-картонски плочи (кнауф), сопруг и татко на 3 деца, на возраст од 10, 7 и 2 години.

Тој работи напорно за да им обезбеди сè на своите малечки.
Вели дека понекогаш не е едноставно, но Лука, Јаков и Алексеј му се вистинска инспирација и мотивација.

На својот Фејсбук профил тој сподели моќна објава која допира до срце.
Сликан во прегратка на синовите, Дејан напиша:
„Директно од работа одам да го земам син ми од училиште...
Прашина е насекаде над мене, рацете ми се валкани, комбинезонот ми е извалкан, уморен сум, а не сум имал време ни да го измијам лицето.
И додека се приближувам до училиштето, гледам луѓе средени, миризливи, чисти, а мене како што сум, после цел ден крвава работа.

За секунда ти поминува низ глава, можеби ќе се засрами.
Можеби ќе ја спушти главата пред пријателите.
Можеби ќе сака татко му да изгледа поинаку.

Но, тогаш ме гледа.
И во тој момент сè застанува.
Тој не гледа во прашината.
Тој не гледа замор.
Само трча кон мене, како да сум го освоил целиот свет.

Ме прегрна посилно пред сите, ме бакна и застана уште поблиску до мене, како да сакаше сите да видат кој е неговиот татко.
И, се колнам, никогаш не сум видел погордо дете од него, додека оди покрај мене, овој валкан мајстор од смена.

Како да им вели на сите со тие мали чекори:
Погледнете го овој човек, можеби нема скапо одело, можеби нема чисти раце, но има раце што работат, раце што се кршат, раце поради кои неговото дете никогаш нема да биде гладно или заборавено.
Тогаш разбрав нешто што многумина никогаш нема да го разберат.

Дете кое ве сака, не се срами од вашата работа.
Детето кое те сака, се гордее со секоја твоја маана, затоа што знае дека ниедна од нив не е од кафеана, туку од борбата за него.
Можеби за светот сум само уморен и валкан работник по смена, но во неговите очи јас сум најголемиот човек на светот.
И верувајте ми, нема парфем што на син ми му мириса поубаво од мирисот на трудот на татко му“.
С. С. | Црнобрло