Потег за поздрав на возач на автобус во Скопје среде невремето: „Додека паѓаа дрвја, не нè истовари на немилост – нè однесе на сигурно“
- Детали
- среда, 22 јули 2026
„На Битпазар нè зафати страшно невреме – летаа парчиња од зградата директно во автобусот со број 65. Но, шоферот остана смирен и прибран! Не само што не однесе на сигурно во гаражата во Автокоманда, туку почека да помине најлошото и потоа нè однесе сите безбедно“ - стои во уште една вирална објава за човечноста на луѓето среде непогоди.

Вчерашното невреме во Скопје предизвика огромен број штети, а глетката беше страотна.
Насекаде летаа столчиња и маси, голем број дрвја речиси на секој чекор беа скршени и паднати, па дури и цели кровови од згради одлетаа.
Во такви моменти, се гледа и човечноста на луѓето, па освен виралната случка со две госпоѓи кои се гушнале на автобуска станица, има уште една која топли срца.

На Фејсбук се споделува и херојскиот и човечки потег на возач од градски автобус, кој не ги оставил патниците на милост и немилост на невремето.
Објавата на Далиборка Младеновска гласи:
„Јас се зезав со ЈСП, ама во маката навистина се познаваат јунаците!
На Битпазар нè зафати страшно невреме – летаа парчиња од зградата директно во автобусот (65 за Раштак), дрва паѓаа на сите страни...
Но, шоферот остана смирен и прибран! Не само што не однесе на сигурно во гаражата во Автокоманда, туку почека да помине најлошото и потоа нè однесе сите безбедно до дома – не нè истовари на немилост на временските непогоди.
Огромно БРАВО и длабока почит за овој ЧОВЕК! Светот има потреба од повеќе вакви професионалци и луѓе со срце. Бaраме повеќе вакви херои!“
фото: depositphotos.com
М. М. | Црнобело