Три романтични книги кои треба да ги прочитате до крајот на летото
Љубовна измама, невозможна љубов, светска ѕвезда која трага по нормален живот и едноставна љубов... што да читате до крајот на ова лето?

Летото е како создадено за љубов, па затоа во средината на август наша препорака за читање се три романтични книги.
Приказната можеби нема да ви биде нова, но сепак, ќе уживате читајќи за љубовта, а може ќе ви заигра и некоја пеперутка во стомакот, зашто ќе се препознаете во некои ситуации, или, пак, ќе сакате еден ден и вие да ги доживеете.
Дури и да не сте љубител на романтични книги, дајте ѝ шанса барем на една од нив.
Што да читате до крајот на летото?
„Љубов во Рим“ од: Сара Адамс
Амелија Роуз, позната како Реј Роуз помеѓу своите обожаватели, веќе не може да го поднесе имиџот на „поп принцеза“ што го одржува со години.
Инспирирана од омилениот филм со Одри Хепберн, „Празник во Рим“, влегува во својот автомобил сред ноќ и заминува на мал одмор во Рим - во Рим во Кентаки.
Кога Ноа ја наоѓа Амелија во својот двор, откако ѝ се расипува колата, тој јасно ѝ дава до знаење дека нема ни време, ни трпение за проблемите на славните - и онака е презафатен со водење на бизнисот што му го оставила баба му.
И покрај тоа што знае дека не е паметно, ѝ дозволува на Амелија да отседне во неговата гостинска соба, но само додека да ѝ ја поправат колата, а потоа таа може да прави што знае.
Но тогаш Ноа почнува да гледа поинаква страна од Реј Роуз, односно вистинската Амелија: добродушна и откачена, а сепак осамена девојка поради годините поминати под лупата на јавноста.
Тој не успева да одолее и почнува да се зближува со неа, иако таа мора да се врати на својот гламурозен живот и турнејата.
Во меѓувреме, Ноа ќе ѝ ги покаже сите прекрасни страни на својот мал град, сите искуства кои ги пропуштала, а таа ќе му помогне повеќе да го отвори срцето.

„Се случи едно лето“ од Теса Бејли
Ова е жешка летна романса што ќе ви ги разбранува сите сетила.
Пајпер Белинџер е позната како кралица на забавите во Лос Анџелес, чија единствена грижа е да изгледа добри и секојдневно да си го збогатува Инстаграм-профилот со провокативни фотографии.
Но кога една нејзина дива забава ќе излезе од контрола и таа ќе заврши зад решетки, нејзиниот очув донесува одлука да ја испрати во родното место на нејзините родители.
Рибарското гратче Веспорт е нов свет за разгалената Пајпер, која се заинатува да докаже дека не е само празноглава убавица.
Заедно со сестра ѝ почнуваат да го реновираат стариот бар оставен во наследство од татко им, откриваат нови работи за него, ја запознаваат баба си, се спријателуваат со мештаните, пред сè со капетанот Брендан.
Пајпер никогаш не запознала таков маж и никогаш со никого не доживеала таква емотивна бура.
Но, тие двајцата се како плус и минус, а тоа уште повеќе ја вжештува атмосферата.
И кога по една расправија со него ќе реши да му се врати на гламурозниот живот, сфаќа дека Брендан и градот полн со спомени веќе ѝ се прираснати за срце.

„Шпанска љубовна измама“ од Елена Армас
Каталина Мартин има голем проблем. Благодарение на една мала лага, сега целото нејзино семејство мисли дека е лудо вљубена во своето момче - шармантен Американец кој всушност не постои, а кого треба да го донесе на свадба како нејзин придружник.
Па затоа, брзо мора да најде човек што е подготвен да го премине Атлантикот и да го глуми нејзиниот совршен партнер.
Тоа не смее да се Ален Блекфорд, нејзиниот висок, синоок и надмен колега чија животна цел е да ја вади од такт.
Таа е убедена дека тој е последната личност на светот што би прифатила да ѝ помогне, но сепак, самиот ѝ се нуди да ја извади од непријатната ситуација.
Свадбата наближува, а нејзиниот поранешен свршеник и неговата нова девојка се на списокот со гости, па Каталина станува сè поочајна.
Сега, таа има само две опции - да ја признае лагата или да го прифати предлогот на неподносливиот колега.
Три дена и една лажна врска, можеби и нема да бидат толку страшни, смета Каталина.

А. Ј. | Црнобело
