Нашата писателка Сандра Малетски има 300 книги: „Првите романси ги наоѓав во библиотеката на мајка ми“
„Ги имам прочитано моите романи и по издавањето. Многу е интересно чувството кога ќе ја земеш книгата по одредено време, па како да се враќаш на една верзија од себе што постоела во моментот кога си ја пишувал. Најубаво ми е кога читателите ќе ми кажат дека им се допаднале моите книги, дека се пронашле во некоја емоција“, вели писателката Сандра Малетски и ги препорача своите омилени 5 книги за CRNOBELO.com.

Сандра Малетски од Скопје е автор на романите „Љубов во Тел Авив“ и „Вистината помеѓу нас“, но и голем вљубеник во книгите.
Освен што пишува книги, Сандра обожава да чита, а преку својот профил на Инстаграм, @sandramalet, често споделува свои размислувања со следбениците за тоа што го прочитала, но и препораки за книги.
Таа веќе 9 години живее во Софија и во својот дом има библиотека од преку 300 книги.

За CRNOBELO.com, Сандра ни раскажа за својата љубов кон пишаниот збор, а ни откри и кои се нејзините омилени книги, кои се истовремено и нејзина препорака за нашите читатели.
„Љубовта кон книгите ми се роди уште кога бев многу мала. Отсекогаш сум сакала приказни кои можат да те одведат во друг свет и да направат да почувствуваш емоции како да си дел од нив.
Се сеќавам дека првите книги што ги читав, надвор од лектирите беа од библиотека во која често одевме со мајка ми.
Отсекогаш сум сакала да читам романси и се сеќавам прва таква книга која ја прочитав беа „Скрупули“ од Џудит Кранц.
Тоа се многу стари книги од домашната библиотека на мајка ми.

Уште како тинејџерка дека почнав да ги читам Софи Кинсела, Спаркс и Сесилија Ахерн со „П.С. Те сакам“, која до ден денес ми една од омилените романси кои сум ги прочитала.
Денес романсите сѐ уште ми се омилен жанр, сакам книги што носат силни емоции, длабоки ликови и приказни што остануваат подолго во мислите. Но, одвреме-навреме сакам да прочитам и добар трилер.
Има многу писатели кои сакам да ги читам и тешко ми е да издвојам еден, меѓутоа еве, Николас Спаркс мислам дека засекогаш ќе ми остане еден од омилените.

Мојата домашна библиотека брои повеќе од 300 книги, а секојдневно таа бројка се зголемува.
Порано читав многу повеќе, но со обврските и секојдневието најчесто читам по 2 до 3 книги месечно, во зависност од тоа колку ми дозволува времето.
Сепак, читањето останува дел од мојата рутина и нешто без кое не можам да се замислам себеси. Книги купувам буквално секаде и домашна и странска литература.

Секогаш кога доаѓам во Македонија, посетата на книжарници ми е задолжителна.
Особено се радувам на нови книги од македонски автори и секогаш со радост ги купувам.
Ние навистина имаме многу квалитетни автори, фантастични дела кои заслужуваат големо внимание.
Македонската литература има душа и емоција која допира до читателот.
Нашите автори знаат на многу автентичен начин да ја пренесат човечката природа, љубовта, болката.
Особено ме радува што во последните години сѐ повеќе се појавуваат нови имиња и современи приказни што покажуваат колку богат талент имаме.

Пишувањето за мене отсекогаш било многу повеќе од само создавање на приказна. Тоа е еден процес во кој вложуваш дел од себе, своите мисли, емоции и искуства.
Искрено, мислам дека најтешко е да се започне. Првата реченица секогаш носи огромна тежина бидејќи токму таа треба да го вовлече читателот во светот кој го создаваш.
Сакам почетокот да биде ударен, да разбуди емоција и љубопитност уште од првиот момент.
Инспирација наоѓам во секојдневието и во сѐ што ме опкружува - во луѓето, разговорите, патувањата и местата кои ги посетувам.
Понекогаш музика или случаен момент може да создаде цела приказна во мојата глава.
Но, исто така, научив дека инспирацијата не е секогаш доволна, кога си писател потребни се дисциплина, посветеност и многу часови работа.
Двата мои романи ги пишував различно. Имаше периоди кога зборовите течеа лесно и пишував со часови, но имаше и моменти кога сум застанувала, сум бришела цели страници и сум почнувала од почеток.

Со вториот роман имав и подолга пауза пред да продолжам да го пишувам. Тоа е еден долг емотивен процес во кој растеш заедно со ликовите.
Вториот роман „Вистината помеѓу нас“ е приказна што ме издигна и ме предизвика како автор, носејќи го моето пишување на едно поинакво и подлабоко ниво.
Роман не само што ја раскажува приказната на Тара и Каин, туку и мојот раст како писател.
Инаку, да, ги имам прочитано моите романи и по издавањето.
Многу е интересно чувството кога ќе ја земеш книгата повторно, по одредено време, како да се враќаш на една верзија од себе што постоела во моментот кога си ја пишувал.
Секогаш кога ќе ги земам во моите раце чувствувам гордост затоа што и двете книги носат мал дел од мене.
Најубаво чувство, сепак, ми е кога читателите ќе ми кажат дека ги прочитале, дека им се допаднале, дека се пронашле во некоја емоција, момент или лик.
Тогаш сфаќам дека приказната навистина оживеала.
За мене книгите не се само хоби, туку и инспирација, бегство од секојдневието и начин постојано да учам нешто ново“.