Нашата писателка Сандра Малетски има 300 книги: „Првите романси ги наоѓав во библиотеката на мајка ми“
„Види ме“, Николас Спаркс
„Види ме“ е емотивен љубовен роман за втора шанса, исцелување и неочекувана љубов.
Колин се обидува да го остави своето минато зад себе, а кога ја запознава Марија - успешна адвокатка која крие сопствени болки - меѓу нив се раѓа силна и искрена врска.
Но, тајните од минатото почнуваат да ја загрозуваат нивната иднина.
Совршена книга за љубителите на романтични приказни исполнети со емоции, надеж и мала доза на мистерија.

„Магичен час“, Кристин Хана
Ова е трогателен и емотивен роман за траума, надеж и моќта на љубовта.
Кога шестгодишно девојче е пронајдено само во шумата, исплашено и неспособно да зборува, детскиот психолог Џулија се обидува да ја открие вистината.
Додека полека ја гради довербата со девојчето, Џулија самата се соочува со сопствените рани и скршени семејни односи.
Ова е една длабока приказна како всушност и сите книги на Хана, приказна за исцелување, семејство, надеж и е совршена за читатели кои сакаат емотивни книги.

„П.С. Те сакам“, Сесилија Ахерн
Ова е еден нежен, емотивен и прекрасен роман за љубовта, загубата и пронаоѓање на сила да се продолжи со животот понатаму.
По смртта на својот сопруг Гери, Холи останува скршена и изгубена, сѐ додека не почне да добива писма што тој ги оставил за неа пред да почине.
Со секоја нова порака Гери ѝ помага повторно да го пронајде животот, надежта и себеси. Топла, тажна и инспиративна приказна.

„Убавината на скршените нешта“, Ивана Спасев
Длабока и емотивна приказна за љубовта, болката и борбата да се зачува она што некогаш изгледало совршено.
Итан и Ирис се сакаат со цело срце и веруваат дека заедно можат да победат сѐ.
Но, кога животот почнува да ги тестира нивните соништа, доверба и сила, нивната љубов се соочува со најтешки предизвици.
Роман за скршени срца, надеж и вистината дека понекогаш најголемата убавина се раѓа токму од болката.
Прекрасен избор за љубители на емотивни и моќни љубовни приказни.

„Вистината помеѓу нас“, Сандра Малетски
За крај, би ви го препорачала мојот најнов роман „Вистината помеѓу нас“ - интензивна и емотивна љубовна приказна за тајни што можат истовремено да спасат и уништат.
Тара се бори со тежината на сопствениот живот и минатото што постојано ја прогонува, додека Каин - моќен, мистериозен и скршен одвнатре маж, води опасна битка против сопственото семејство и темнината што го опкружува.
Кога нивните светови ќе се судрат, во нив се раѓа љубов што ги менува засекогаш.
Но, во свет полн со лаги, моќ и предавства, тие мора да откријат дали вистината и љубовта навистина вредат за цената што треба да ја платат.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело