Дијана од Кавадарци има библиотека од 1.200 книги, месечно дава 4.000 денари за нови - Кои ѝ се омилени дела?
„На почетокот не купував книги, бев редовен посетител на градската библиотека и секогаш носев дома нови приказни. Но, пресвртот дојде во средно училиште, кога на натпревар по македонски јазик ја добив книгата „Загубената ќерка“ од Дајен Чемберлен', вели Дијана Јовановска, за CRNOBELO.com.

Дијана Јовановска (30) од Кавадарци, која веќе некое време живее во Штип, откако се омажи, е креатор на букстаграм профилот @dijanaslibrary, каде што, со своите пријатели и следбеници, ја споделува својата љубов кон читањето.
А таа е толку голема, што Дијана веќе има домашна библиотека од 1.200 книги, која секој месец расте, зашто месечно купува по неколку нови дела и во просек троши околу 4.000 денари за книги.

За својата љубов кон читањето, за CRNOBELO.com, Дијана вели:
„Букстаграм профилот е мое мало, но постојано растечко катче исполнето со книги, емоции и приказни.
Профилот го создадов од чиста љубов кон фотографирањето книги и пишувањето рецензии, како начин да ги зачувам сите мои впечатоци на едно место.
Со текот на времето, тоа катче прерасна во простор каде што, не само што ги споделувам моите мисли, туку и се поврзувам со луѓе кои ја делат истата страст.

Љубовта кон книгите кај мене не се роди одеднаш, таа тивко растеше, вечер по вечер, во детството, благодарение на мајка ми.
Таа ми ги читаше најубавите приказни пред спиење, и тој мал ритуал стана наш посебен свет во кој зборовите имаа магија, а приказните срце.
Токму таму, меѓу тие страници, се роди мојата љубов кон пишаниот збор.

Омилени книги од моето детство ми се сите дела од Горјан Петревски, „Марта“, „Исти очи“ и многу други приказни што ми го обележаа растењето.
Неговите книги ми беа првите вистински емотивни средби со литературата, оние што те учат да чувствуваш, да сочувствуваш и да ја гледаш љубовта и животот со посебна длабочина.

На почетокот не купував книги, бев редовен посетител на градската библиотека и секогаш носев дома нови приказни.
Но, пресвртниот момент дојде во средно училиште, кога на натпревар по македонски јазик ја добив книгата „Загубената ќерка“ од Дајен Чемберлен.
Тоа беше почетокот на една убава „опсесија“ и од тогаш книгите не се само љубов, туку и страст, задоволство и дел од моето секојдневие.
