Дијана од Кавадарци има библиотека од 1.200 книги, месечно дава 4.000 денари за нови - Кои ѝ се омилени дела?
Денес мојата домашна библиотека брои над 1.200 книги, бројка што постојано расте, бидејќи искрено, одамна престанав да бројам.
Читам на повеќе јазици и купувам книги секаде каде што одам.
Дел од мојот свет се и електронските книги на мојот Киндл, но ништо не може да ја замени магијата на вистинската книга во рака.

Имам повеќе омилени автори, но меѓу сите нив најмногу ја сакам Вај Киленд.
Особено место во моето срце имаат македонските автори меѓу кои се Ивана Спасев, Ана Антовска, Оља Петрушевска-Томева, Сандра Малетски, Маја Симоновска, Татјана Кацарска Станоевска и многу други, спрема кои имам посебна љубов и на кои секогаш со љубов им давам поддршка.

Во просек читам околу 7 книги месечно, понекогаш повеќе, понекогаш помалку, сè зависи од обврските, но книгите секогаш наоѓаат начин да бидат дел од мојот ден.
Месечно одвојувам околу 4.000 денари за книги, за некого можеби тоа е многу, но за мене тоа е чисто задоволство, мала зависност од убавото и инвестиција во светови што никогаш не завршуваат.

Она што најмногу ме исполнува е сознанието дека оваа моја љубов и „опсесија“ кон книгите не останува само моја, таа се прелева и кај моите колеги, пријателки и другарки.
Многу од нив, кои некогаш не читале, денес се веќе страсни читатели, кои купуваат книги и си создаваат свои мали книжевни светови.
Нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека една препорака може да запали искра кај некого.

Како архитект по професија, мојата љубов кон книгите се преслика и во мојот простор, најважно ми беше домот да има доволно полици, во секое ќоше, за сите тие приказни што ги чувам.
Обожавам да ги средувам книгите, создавајќи мала уметност од нив. За мене, книгите не се само хоби.
Тие се моето бегство, моја инспирација, моја тишина и моја најубава навика“, вели таа.
