Книгите кои ме прават среќна

Почетокот секогаш е најтежок. Изборот на зборови во некои ситуации е потежок од кој било почеток. Додека се обидувам да си ги соберам растурените мисли, пред очите ми излегува нотесот со зелени корици, каде што сум запишала еден цитат од „Планетата на неискуството“, првата книга на младиот македонски автор Гоце Смилевски:

knigite-koi-me-pravat-srekna-01.jpg

„Ми се измолкнуваш како сон додека се будам, како расказ кој го носам во себе, а не можам да го уловам во мрежата на зборовите“.

Веќе почнувам да ја осознавам мојата интимна и длабока врска со книгите, неверојатната и магична поврзаност со испишаните страници и „живеењето“ во кожата на авторот. Сега јас сум таа која се обидува да пронајде зборови, да ги смести на хартија и да им даде живот.

Би ја започнала приказната со спомени од училишните денови. Во седмо одделение, веднаш по завршувањето на зимскиот распуст, класната која предаваше македонски јазик, во обид да ја искаже својата лутина и гнев поради тоа што сме прочитале едвај две-три книги за време на празниците, со повишен тон почна да чита еден текст на Бранко Копиќ. Во текстот, авторот кажува дека книгата ја победува смртта, го победува просторот. Ни ги доловува неговите средби со Езоп и Марк Твен и „патувањата“ во далечните земји.

Неколку години подоцна, чувствувам огромна благодарност кон Копиќ. Ме „натера“ да пијам чај со Фројд, да сонувам за љубовта читајќи ја „Дениција“ на Петре М. Андреевски, да согледам колку присутно може да биде нечие отсуство.

knigite-koi-me-pravat-srekna-02.jpg

Започнав да верувам во судбина и случајности, сочувствувајќи со Невена од „Тунел“ на Андреевски, волшебникот со перо. Тој ме соочи и со суровата реалност, македонското проклетство секоја жена да чека некого. Но, нему му се спротивстави Симон де Бовоар, која ми шепна дека ниту една жена не заслужува да биде скршена, таа мора да има посебно место во светот каде што владеат мажите.

Во пркосот на младоста, се сретнав и со типичната американска психологија преку десетици книги кои алудираат на тоа дека ние, жените, сме од Венера, а мажите се од Марс. Но, „Скицата за првото писмо до Ема Гермова“ на Гане Тодоровски, „Љубовница“ на Блаже Конески, „Канционерот“ на Петрарка ме помирија со фактот дека сите, и мажите и жените, сме од Земјата и дека љубовта е највозвишеното нешто што може да му се случи на секој човек.

Тука би го сместила и Ерик Фром и неговата „Вештина на љубовта“, каде што се случува парадоксот две личности да станат едно, а сепак да останат две индивидуи.

Има една книга од која не би се одделила, која ја читам и препрочитувам. Неа ниту пламени не би ја уништиле. Да, зборувам за волшебната „Вештица“ на нашиот Венко Андоновски. Ако бев актерка, ќе сонував да ја оживеам Јована на театарските штици. Хранејќи си ја душата со зборовите на Андоновски ја откривав светлината и сенката, казната и наградата, љубовта и лудилото, животот и смртта, гордоста и стравот, страста и храброста, вербата и иронијата, времето и вечноста…

Тоа се само неколку од книгите кои ме прават бескрајно среќна. Книгите со кои заспивам, книгите со кои се будам, книгите кои ги прераскажувам.

knigite-koi-me-pravat-srekna-03.jpg

Автор: М.К. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Книги од македонски автори кои мора да ги прочитате до крајот на 2025 Потрага по сериски убиец во Италија; млад брачен пар кој се соочува со морничави...
Три книги од различни жанрови, кои ќе ве држат „будни“ до последната страница Историска драма за жени затворени во болница за душевни болести во Париз во 19 в...
Три книги полни со топлина, во кои ќе уживаат и децата и возрасните Ако решите на своите најмили да им ги читате на глас овие книги, тие ќе ве поврз...
Андриана од Битола: „Имав библиотека од 1.000 книги, пола морав да ги раздадам - Кои 5 ми се омилени... „Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека н...
Ружица од Скопје: „Имам библиотека од 400 книги, читам во автобус на пат кон работа - Кои ми се омил... „Голем удел во мојата љубов кон книгите има библиотекарката од моето основно учи...
Маријана од Скопје: „На 10 години со заштедени 150 денари си ја купив првата книга“ „Мојата домашна библиотека има околу 700, а библиотеката на моите две мали ќерки...

Најчитани неделава