Кога Собата е цел еден универзум...

Инспирацијата за создавање на новелата „Соба“ од ирско-канадската писателка Ема Данахју потекнува од еден сосема бизарен настан.

koga-sobata-e-eden-cel-univerzum-01.jpg

Веста за апсењето на австрискиот монструм Јозеф Фрицл ја разбранува јавноста, предизвикувајќи болни гримаси на непријатно изненадување и извици на одвратност.

Авторката Данахју веројатно е една од многуте кои ја дочекале веста, за човекот кој 24 години ја држел сопствената ќерка заклучена во подрумот од семејната куќа, со непријатен грч во стомакот.

Но, овој настан за Данахју ќе претставува многу повеќе од уште една репортажа на медиумите.

Имено, исповедта на 5-годишниот Феликс, најмалото дете на монструмот Фрицл и неговата ќерка-заробеничка Елизабет продрела длабоко во креативниот ум на Данахју, создавајќи роман кој ќе ги остави читателите со подзинати усти.

Данахју признава дека за време на пишување на романот, огромно влијание извршил и нејзиниот син Фин, кој исто така имал 5 години во тој период. Неговиот начин на изразување послужил како совршена подлога за оформување на главниот лик Џек во „Соба“.

Објавен во 2010-та година, Њујорк Тајмс ја оцени „Соба“ како една од шесте најдобри романи на годината од жанрот фикција, а истиот беше во најтесниот избор за Букеровата награда.

Сосем објективно „Соба“ е ретко книжевно остварување кое предизвикува импресии, како кај читачката публика, така и кај критичарите со изострено непце за пишаниот збор.

За 5-годишниот Џек, собата во која живее е целиот негов свет. Цел еден универзум, кој му е и повеќе од доволен, бидејќи ја има неговата мајка, плакарот во кој заспива навечер, Дора и нејзините експедиции кои ги гледа на малиот телевизор.

koga-sobata-e-eden-cel-univerzum-03.jpg

Џек е роден во собата. Џек никогаш не стапнал надвор од неа. Тешко е да сфатиме како точно Џек го замислува надворешниот свет, но во текот на читањето ни станува јасно дека тој навистина има огромен проблем да ја разграничи фантазијата од реалноста. Или барем неговата реалност со реалноста.

Со главниот пресврт во романот, Џек и неговата мајка ќе се најдат конечно надвор од собата.

А, надвор од собата постои цел еден нов свет, каде што сѐ е огромно и ново. Хаотично и гласно. Тоа е свет во кој постојат многу правила од една, и ниту едно, од друга страна.

Светот е брз и непредвидлив, контрадикторен и зол, и покрај неколкуте удобности според малиот Џек, како лулашката на детското игралиште која се вивнува до небото, кутрето Среќко кое не мора повеќе да биде само плод на детската фантазија и чиста измислица, или новото ранче со Дора.

Џек и неговата мајка се наоѓаат пред најголемиот тест во нивните поврзани животи – ќе успеат ли да се снајдат во светот?

Преведен на 35 јазици, „Соба“ е роман кој зборува за одлучноста, храброста и бескрајната љубов на една мајка. Тој нѐ учи на благодарност, вредноста на навидум обичните и лесно достапни нешта. „Соба“ зборува за преживувањето и соочувањето со предизвиците.

Тој е гласен и брутално искрен, раскажан низ призмата на петгодишниот Џек.

Напати предизвикува искрена насмевка, но многу почесто ќе ве остави со солзи и многу неодговорени прашања.

„Соба“ несомнено остава простор за дискусија и дебата.

koga-sobata-e-eden-cel-univerzum-06.jpg

Колку всушност е човекот издржлив, ментално и физички, и на што сѐ е подготвен за своето дете?

Што е слободата? Колку си навистина слободен во реалноста? Дали навистина можеш минатото да го оставиш зад себе и да ги победиш сопствените демони?

Оваа година, оскарот за главна женска улога ѝ припадна токму на Бри Ларсон, која ја толкуваше улогата на мајката во истоимениот филм според „Соба“.

Ларсон со уверлива, но ненаметлива и суптилна глума, раскажа приказна која долго се памети.

Нејзината креативност и имагинација во одгледувањето на сопственото дете во клаустрофобичниот ограничен простор ќе ви го допре срцето.

Џејкоб Трембли, во улогата на малиот Џек е брилијантен. Ќе ве натера да сочувствувате, да стискате палци, да исчекувате во грч. Да се помолите.

Гласот на Џек е громогласен, чист триумф, кој на уникатен начин раскажува слатка приказна, која во својата основа е кошмар.

Сепак, тој носи зрнце светлина и топла порака. Надежта навистина, умира последна.

koga-sobata-e-eden-cel-univerzum-05.jpg

*Романот Соба на македонски јазик може да го најдете во книжарниците на Просвето дело.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

3 книги за самопомош што вреди да ги прочитате Ако имате анксиозност, негативни мисли кои не можете да ги контролирате, чувству...
3 предлог книги за на плажа од македонските инфлуенсерки Што читаат Јелена Спенџарска, Миа Костова и Теона Манго на плажа? Погледнете кои...
3 одлични турски романи, за љубителите на историска фикција „Хурем московската наложница“ ја следи животната приказна на Хурем султан, која ...
Три морничави трилери чиј крај ќе сакате што побрзо да го дознаете Ако сте љубител на трилери и приказни со неизвесен крај, овој пат ви препорачува...
3 мистериозни романи кои ќе ги прочитате во еден здив Три романи за сечиј вкус, а во центарот на вниманието на трите мистериозни прика...
Одржана промоција на два нови романи на авторката Краличин Во просториите на Café Литература во Дајмонт мол на 15 февруари 2024 година со п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg