Дистописко соочување: Што е подобро - книгата или филмот?

Толку многу книги, толку малку време. Би рекле дека истото подеднакво важи и за филмовите.

Distopisko-soocuvanje-sto-e-podobro-knigata-ili-filmot-01.jpg

Сепак, особено голема е љубопитноста кога станува збор за филмските верзии на нашите омилени книги. Дали екранизираната верзија ќе ја оправда неизвесноста и убавината на книжното дело?

За волја на вистината, навистина ретко се случува тоа, филмот да биде подобар од книгата.

Distopisko-soocuvanje-sto-e-podobro-knigata-ili-filmot-02.jpg

За овие три необични книги кои сите обработуваат замислени, дистописки светови би можеле да кажеме дека филмските верзии се приближно исто толку добри колку и книжните, или барем дека чекорат веднаш позади нивните петици.

Во секој случај, препорачуваме прво да ги прочитате книгите и да ги погледнете филмовите, па сами да донесете одлука. Нашата од прилика изгледа вака:

Пеколен портокал – Ентони Бурџис

Алекс, поранешен член на садистичка банда е затворен и доброволно се пријавува да биде дел од необичен суров експеримент кој има задача да го реформира во нормален член на општеството.

Може ли злото и суровоста да се искоренат и да се заменат со добро? Дали се раѓаме лоши или стануваме такви?

Оригинален наслов: А Clockwork Orange

Режисер на филмот е култниот Стенли Кјубрик, а во главните улоги се Малком МекДауел, Патрик Мејџи и Мајкл Бејтс.

Што е подобро?

Distopisko-soocuvanje-sto-e-podobro-knigata-ili-filmot-05.jpg

Дефинитивно книгата. Оние кои го погледнале само филмот ќе ви потврдат дека е еден од најдобрите на кои ќе налетате во животот. Но реалноста е дека филмот е само блед, млак одраз на кусиот роман на Бурџис.

И покрај шокантните филмски сцени, тие се далеку помлаки и поневини од она што се раскажува во книгата.

Таа е далеку поживописна, посурова, полуцидна, а доколку можете задолжително прочитајте ја во нејзината оригинална напишана верзија, односно на англиски јазик.

На тој начин ќе го забележите уникатниот автентичен стил на писателот, како и неговата умешност да си игра со јазикот и да создава необични зборови и кованици.

Најдобар цитат: Насилството раѓа насилство.

1984 – Џорџ Орвел

Орвеловата 1984-та е како книжевна библија на достопискиот жанр. Се чини дека сè почнува и сè завршува со Орвел и неговата ненадмината визија со која го креирал светот во кој живее главниот лик, Винстон Смит.

Во тоталитарно општество во кое луѓето се слепо покорни, безгласни, општество во кое секојдневно се менува историјата, сегашниот миг, па дури и иднината, Винстон ќе се побуни на начин својствен нему, ќе се вљуби.

А Големиот Брат постојано гледа. И не дозволува никој да размислува со своја глава и ум.

Оригинален наслов: 1984

Режијата е на Мајкл Радфорд, а во главните улоги се Џон Хрт, Ричард Бартон и Сузана Хамилтон.

Што е подобро?

Distopisko-soocuvanje-sto-e-podobro-knigata-ili-filmot-06.jpg

И двете верзии се подеднакво добри. Филмот е верно олицетворение на книгата, не отскокнува на никаков можен начин од редоследот на настаните, ниту атмосферата.

Потполно е автентичен на содржината, а главниот лик го оживува Винстон неверојатно веродостојно. Со сигурност ќе ви се допаднат двете подеднакво.

Најдобар цитат: Ако сакате да ја видите сликата на иднината, замислете чизма која го гази човековото лице - засекогаш.

Приказната на Робинката – Маргарет Атвуд

Замислете свет во кој жените немаат права како мажите. Всушност, замислете еднo тоталитарно христијанско теократско општество со водачи кои се вистински диктатори.

Тие поставиле нови правила, а доколку сакате да преживеете мора да се вклопите во еден од калапите наменети за жените: Домаќинките или Мартите, прогонетите во Колониите или Робинките кои служат исклучиво како конкубини, односно сурогат-мајки за одржување потомство, односно носење на децата на командантите.

Животот каков што сте го знаеле исчезнал, а со него и сите сакани лица, сопругот, детето, пријателите. Не знаете дали сонувате кошмар или истиот го живеете.

Оригинален наслов: The Handmaid’s Tale

Тв серијата доживеа неверојатен и неочекуван успех. Ремек-делото, креација на Брус Милер со Елизабет Мос, Жозеф Фајнс и Ивон Страховски во главните улоги ги обзеде гледачите со приказната за жените во црвено.

Што е подобро?

Distopisko-soocuvanje-sto-e-podobro-knigata-ili-filmot-04.jpg

Филмската верзија е малку подобра. Книгата, нормално, е феноменално книжно парче кое мора да го цениме, првенствено затоа што доколку не би постоела таа, не би го гледале ниту филмот.

Сепак, тв серијата е далеку погруба, посурова и на некој начин пожива верзија од онаа книжната. Со мал допир на современост, односно модернизам повеќе допира до денешните читачи, односно гледачи, а одличниот кастинг веројатно игра дополнителна позитивна улога во изборот.

Книгата ќе ве вознемири, филмот ќе ви ја сопре крвта во жилите.

Најдобар цитат: Не им дозволувај на копилињата да те сомелат.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Андриана од Битола: „Имав библиотека од 1.000 книги, пола морав да ги раздадам - Кои 5 ми се омилени... „Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека н...
Ружица од Скопје: „Имам библиотека од 400 книги, читам во автобус на пат кон работа - Кои ми се омил... „Голем удел во мојата љубов кон книгите има библиотекарката од моето основно учи...
Книги од македонски автори кои мора да ги прочитате до крајот на 2025 Потрага по сериски убиец во Италија; млад брачен пар кој се соочува со морничави...
Три книги полни со топлина, во кои ќе уживаат и децата и возрасните Ако решите на своите најмили да им ги читате на глас овие книги, тие ќе ве поврз...
Три книги од различни жанрови, кои ќе ве држат „будни“ до последната страница Историска драма за жени затворени во болница за душевни болести во Париз во 19 в...
Анита од Берово е криминалист со страст за читање - Има 300 книги, кои пет ѝ се омилени? „Јас сум од генерацијата што немаше телефони, па љубов кон книгите е од почетоко...

Најчитани неделава