Бившиот на Хали Бери мета на критики откако кажа зошто се развеле: „Не готвеше и не чистеше, а јас сакав домаќинка“
- Детали
- четврток, 14 август 2025
Речиси 30 години по разводот, првиот сопруг на Хали Бери изјави дека се разделиле бидејќи тогаш тој очекувал сопругата да готви и чисти. Хали, која уште тогаш беше светски позната актерка, не го правела тоа. Очекувано, по изјавата, бившиот се соочи со критики и шеги на негова сметка.

Првиот сопруг на Хали Бери е бејзбол играчот Дејвид Џастис со кого беше во брак од 1993 до 1997 година.
Во периодот кога беа заедно, Хали веќе се имаше докажано во Холивуд, особено со филмот Jungle Fever од 1991-ва.
Всушност, уште пред да се венча со Дејвид, Хали беше светски позната актерка за која беше јасно дека ќе доминира во филмската индустрија.
Иако разводот со Дејвид привлече внимание, ни тој ни актерката не открија конкретна причина. Единствено, во барањето за развод било наведено дека меѓу нив има „ненадминливи разлики“.
Имаше шпекулации и дека Хали била жртва на физичко и емоционално насилство од страна на поранешниот сопруг, но Дејвид го негираше ова.
Поради некоја причина, скоро 30 години подоцна, Дејвид Џастис реши да се присети на бракот со актерката.
И, за својата изјава се соочи со критики, но стана и мета на шеги.
За време на гостување во поткаст, Дејвид зборуваше за разделбата од актерката, поточно за причината за разводот.
Тој вели дека сакал жена домаќинка и иако додава дека тогаш, во своите доцни 20-ти, бил незрела личност, сепак се соочи со критики.
„Ја погледнав мајка ми и си помислив дека жената треба да готви, да чисти, знаете. И потоа си помислив ’Во ред, ако имаме деца, ова ли е жената со која сакам да имам деца и да изградам семејство?‘
Тогаш, јас бев млад дечко, таа не готвеше, не чистеше, па не ми изгледаше дека ќе биде добра мајка. И, тогаш почнавме да имаме проблеми“.
Овој сегмент од интервјуто почна да се споделува вирално и некои сметаат дека Дејвид само признава дека бил незрела личност кога бил во брак со Хали.
Други истакнуваат и дека тоа што 30 години подоцна тој го признава ова, покажува дека созреал.
Сепак, повеќето го критикуваат и велат дека ваквите мажи, за жал, постојат и денес.
„Зарем навистина мислел дека Хали ќе се откаже од актерската кариера за да му биде домаќинка?“
„Хали Бери, познатата актерка, требало да направи пауза од кариерата за да ’готви и чисти‘ за некојси маж? Ако се земе предвид колку заработуваат, тој треба да стави престилка и да ја чисти куќата“.
„Многу мажи не сакаат животни партнери, туку слугинки“.
„30 години подоцна, уште мисли на неа. Можеби не требаше да го споделува ова со јавноста“.
„Интересно е како и двајцата имаат раце и нозе, но само таа треба да готви и чисти. Значи, тој сакал слугинка, а не сопруга“.
Во интервјуто сепак има и друг сегмент кој не се споделува, каде што Дејвид како да жали за грешките што ги правел:
„Бев млад и пред Хали, бев во само една вистинска врска. Моите знаење, разбирање и мудрост за врските не беа многу опширни...
На таа возраст не бев доволно емоционално зрел за навистина да разберам како таа се чувствуваше. Сега, некои работи би ги направил поразлично“.
Прочитајте и: Татко ѝ ја малтретирал, по разводот со првиот сопруг се обидела да се самоубие – Факти за Хали Бери
Спирова С. | Црнобело
