Мадона издоминира со Роналдињо и Роналдо, Шакира блесна со „DaiDai“ – Спектакуларно шоу на полувремето на Светско 2026
- Детали
- понеделник, 20 јули 2026
Мадона на 67 години воодушеви качена на возило низ тунелите на стадионот кое го возеа легендите Роналдињо и Роналдо (стариот), на корејската група BTS ова им беше голем камбек по 3 години заради служење војска, а Бибер малку го успори темпото и доби критики, па Шакира ја подигна енергијата – како помина првото шоу на полувреме на Светско првенство?

Вчеравечер се одржа финалето на Светско првенство 2026, помеѓу Шпанија и Аргентина, а „црвената фурија“ ја освои светската титула откако ги победија противниците со 1:0.
Но, за првпат во историјата на Светско првенство, на полувремето на натпреварот се одржа музичко шоу, по примерот на Superbowl.
Шоуто беше исполнето со настапи на голем број музички легенди, меѓу кои Мадона, Шакира, корејската група BTS, Џастин Бибер, Мапет Шоу, како и симфониски оркестар, детски хор, но и Крис Мартин од Coldplay, кој воедно беше и режисер на целото шоу.
Шоуто траеше речиси 12 минути, а прва го започна Мадона, која низ тунелите на стадионот се возеше качена на автомобил управуван од бразилските легенди Роналдињо и Роналдо, додека ја изведуваше својата песна „Music“.
Потоа BTS, корејската група, го „украде“ шоуто со изведба на нивната песна „Dynamite“, a ова за нив беше камбек на голема сцена по 3-годишна пауза заради служење војска.

По овие брзи, танцувачки нумери, темпото малку го успори Џастин Бибер, кој излезе на терен само со гитара и ја отпеа „Everything Hallelujah“.
По него, енергијата веднаш ја поткрена Шакира со Burna Boy, кои ја изведоа химната на Светско 2026, „Dai Dai“, заедно со детска танцувачка група од Уганда, дополнето со уште многу танчари и одлична кореографија како и секогаш.
Њујоршката филхармонија и венецуелскиот симфониски оркестар ја изведоа „Seven Nation Army“ под диригентската палка на Густаво Дудамел, придружени од Мапет Шоу.

Шоуто го затвори њујоршкиот детски хор, заедно со Крис Мартин, но и другите пејачи кои им се придружија на теренот.

Мислењата за целото шоу се поделени, некои се воодушевени, други велат дека е бледа копија на SuperBowl, а трети велат дека е одлично и спектакуларно, но се случувале премногу работи одеднаш.

Што мислите вие? Погледнете го:
M. M. | Црнобело