Маж организирал свадба со девојче (9) во Дизниленд, вработените го спречиле и пријавиле: Морничав случај во Франција
- Детали
- вторник, 24 јуни 2025
Минатата недела, 39-годишен маж изнајмил дел од забавниот парк Дизниленд во Париз за венчавка. Церемонијата била закажана за раните утрински часови, пред паркот да биде отворен за посетители, но штом вработените сфатиле дека „невестата“ е мало девојче, веднаш го спречиле настанот и повикале полиција. Се верува дека мажот сакал да ја пренесува „свадбата“ во живо на некоја платформа за педофили, но истрагата уште трае.

Во саботата (21.06) во забавниот парк Дизниленд во Париз, 39-годишен маж пробал да организира венчавка со малолетно девојче кое имало само девет години.
Вработените во Дизни ја спречиле венчавката штом сфатиле дека „невестата“ е дете, го пријавиле мажот во полиција и сега тој е во притвор.
Според последните информации, мажот потекнува од Британија, а тамошните власти изјавија дека веќе бил гонет за сексуални прекршоци врз малолетници.
Уште повознемирувачко во целата ситуација е што на „свадбата“ имало околу стотина „гости“ (кои биле платени актери), а меѓу присутните била и мајката на девојчето.
„Уапсениот е регистриран во британскиот регистар за сексуални престапници и моментално е баран на национално ниво од страна на судските органи на земјата од којашто потекнува, поради непочитување на обврските што произлегуваат од наведената регистрација“, гласи дел од официјалната изјава на надлежните во Париз кои работат на случајот.
Покрај сексуалните прекршоци, мажот веќе бил обвинет за измами, перење пари и кражба на идентитет.
Пред да сфатат што се случува и кој е нивниот клиент, од менаџментот на забавниот парк му дозволиле на мажот да организира свадбена прослава во раните утрински часови, пред паркот да биде отворен за јавноста.
За ова, мажот платил околу 120.000 евра, според некои извори и повеќе.
Но, на денот на „свадбата“ вработените забележале дека „невестата“ е всушност мало девојче и веднаш интервенирале.
Кога дошла полицијата, мајката, која потекнувала од Украина, прво изјавила дека сакала да ѝ организира посебен ден на својата ќерка, за да се чувствува како принцеза.
Според надлежните, гостите биле најмени актери, а целата „свадба“ требало да се емитува и во живо на интернет.
Од менаџментот на Дизниленд, пак, откриле дека личноста што ги контактирала за настанот побарала сè да биде доверливо.