„Живееше со мене во пештери 14 години, се селевме 49 пати“ - Која е сопругата на новиот претседател на Сирија?
Нејзината поддршка за сопругот е огромна, но таа со своето појавување ги собира и симпатиите на локалната и светската јавност.
Латифа во јуни 2025 присуствувала на состанокот на својот сопруг со неколку жени по повод Бајрам, а на почетокот на септември донираше 5.000 долари на Сирискиот фонд за развој, кој служи за санирање на штетите предизвикани во текот на војната.

Брзо потоа таа беше присутна и на состанокот на нејзиниот сопруг со американскиот адмирал Бред Купер.
Латифа разговарала со Сузан, сопругата на Купер за „хуманитарни прашања и улогата на жените во промоција на разбирањето“.

Која е Латифа ел-Друби?
Сопругата на Ахмед ел-Шара е родена во 1984 година, а дипломирала арапски јазик и литература на Универзитетот во Идлиб.
Турските медиуми тврдеа дека нејзиниот дедо бил Аладин ел-Друби, кој бил премиер на Сирија пред да почине во атентат во 1920 година и бил личен лекар на отоманскиот султан Абдул Хамид II.
Таа го запознала ел-Шара додека студирале на Универзитетот во Дамаск, а се венчале во 2012 година.

Како што пишуваа арапските медиуми, денешната прва дама на Сирија била со својот сопруг за време на 14-годишната граѓанска војна во Сирија и живееле во тешки услови.
„Мојата сопруга живееше со мене во пештери 14 години. Се селевме 49 пати, менувавме домови на секои три месеци, а тоа е тешко за една жена“, рекол новиот претседател на Сирија запрашан за Латифа.

Во тој период, ел-Шара бил дел од терористичката организација Ал Каеда, а потоа и од нејзините сириски ограноци ал-Нусра и Џабат Фатех ал-Шам, и џихадистичката, салафистичко-вахабистичка терористичка група Тахрир ал-Шам.
Тој тврди дека во тој период често ѝ предлагал на сопругата да оди на побезбедно место, но таа одбивала.
Тие имаат три деца, а арапските медиуми неодамна објавија дека трите деца се момчиња.

А. Ј. | Црнобело
