Кој ја направил фотката од Стивен Хокинг и девојки во бикини од документите на Епстин (и во каков однос бил со педофилот)?
- Детали
- четврток, 26 февруари 2026
Семејството на Стивен Хокинг негира дека покојниот физичар бил вклучен во нелегалните активности на Џефри Епстин. За двете девојки од виралната фотографија велат дека му биле негувателки, а се фотографирале на научна конференција организирана од Епстин.

Физичарот Стивен Хокинг беше поврзуван со педофилот Џефри Епстин уште пред неколку години, откако се дозна дека неговото име се спомнувало во документите од истрагата.
Сега, пак, вирално се споделува фотографија од физичарот во друштво на две девојки во бикини.
Лицата на девојките се скриени, а сите тројца имаат коктел во рака.
Проблемот е тоа што фотографијата е објавена од Министерството за правда на САД, во склоп на документите за истрагата на Епстин. Сепак, нема контекст за тоа каде или кога е направена.
Портпаролот на семејството на Стивен Хокинг вчера (25.02) сподели дека жените биле негувателки на физичарот.
За потсетување, тој имаше амиотрофична латерална склероза поради што беше неподвижен и имаше потреба од постојана нега.
Па, портпаролот тврди дека двете жени потекнувале од Англија и долг период работеле како негови негувателки.
Додава и дека фотографијата била направена на Карипските Острови, во хотелот Ritz Carlton во 2006 година.
Според семејството на физичарот, тој посетувал научен симпозиум на островот, а на истиот настан присуствувал и Џефри Епстин.
Сепак, тие не откриваат кој ја направил фотографијата, ниту како завршила во истрагата за педофилот.
Стивен Хокинг почина во 2018-та, на 76-годишна возраст, а половина век живееше со амиотрофична латерална склероза.
„Професор Хокинг е задолжен за некои од најголемите придонеси во физиката на 20-тиот век, а истовремено е познат и како личноста која најдолго живеела со амиотрофична латерална склероза, ужасна состојба поради која зависеше од вентилатор, вештачки глас, инвалидска количка и постојана медицинска нега.
Секоја шпекулација за негово несоодветно однесување е погрешна“, гласи изјавата на неговото семејство.
Што се однесува настанот на Карибите, се претпоставува дека бил во организација на Џефри Епстин, а покрај Хокинг, присуствувале уште 20 реномирани научници.
