Во земјата со повеќе умрени отколку родени бебиња, за што вреди да се остане?

Се уморивме. Уморни сме од бистрење политики и готвење бистри манџи во кои одвај и да пливка месо. Ние пливкаме, живо месо секојдневно по улиците и автобусите. Се тискаме во гужвите, со погледите сведнати надолу, со уморни очи и тажни лица.

Za-sto-vredi-da-se-ostane-01.jpg

Не остана ниту една добра причина да се остане тука. Со здравство кое брои статистика на повеќе умрени, отколку родени бебиња. Со болници каде што нема фластер и газа, па си носиш од дома. Со персонал кој не умее да ти постави дијагноза, бидејќи завршил сомнителен факултет по медицина.

За 5 години максимум ќе нема веќе кој да нè прегледа и излечи. Добрите доктори се бројат на прсти. Наскоро и тие – ќе си заминат во странство, ќе отидат да работат на приватна клиника или ќе се пензионираат. Крај на претставата другари, за дијагноза обратете му се на Гугл.

За секој можен симптом ви појавува рак? Ракосани сме сите, што од воздухот, што од животот.

Правдината ја бараш со фенерче, како Диоген човекот. Правдина нема.

Се задушуваме, и физички, и психички, и емоционално.

Дотепани сме од секој можен аспект, во поглед на здравството, образованието, економијата, културата, што веќе не. Не се добројува.

Поголем дел од времето ги игнорираме сите проблеми кои постојат, бидејќи ако ги кажеме брзо, однеднаш и на глас, веројатно ќе го изгубиме паметот.

Па со тој механизам на самозаштита се подлажуваме, секој ден. Па не е толку лошо, живи и здрави сме. Имаме за јадење и пиење.

На тоа се сведе животот. На јадење, пиење, спиење, сметки и порција загаден воздух.

Се уморивме. За што да се остане? Кој аспект од државата каде што сè е наопаку ви се гледа привлечен и најмалку загноен, со надеж дека ќе се спаси?

Некој проговорува – па за луѓето. Заради блиските седам тука.

Кои луѓе, каде се? Останаа ли луѓе тука?

Народната приказна оди вака: царот решил да ги награди сите луѓе во царството. Двајца одбиле награда. Кога ги повикал, еден по еден, им рекол дека што и да посака едниот како награда, на другиот ќе му даде двојно повеќе. Им дал неколку дена да размислат.

По некој ден, двајцата се вратиле. Влегол првиот и рекол – јас сакам 100 стапа царе. Можеби ќе ми удрите само 100, ама на другиот треба да му удрите двесте.

По него влегол вториот. Јас сакам да ми го извадите едното око.

За тие луѓе да останеме? За злобни, себични и одмаздољубиви? За оние кои ѝ вртат грб на неправдата, мижат пред злобата, немо сведнуваат погледи и само се буткаат во толпата?

Држава на бледи спомени, на духови, на старци, на безгласни букви. Земја на уморни луѓе.

За што вреди да се остане, прашувам, а одговор – нема.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg