Ти ги дадов срцето и душата, но ти си евтина бидејќи може да те купат со пари

Првиот пат кога те однесов да ги запознаеш моите родители бев многу возбуден. Морам да признаам дека имав трема. Сакав да ти се допаднат моите и секако, сакав ти да им се допаднеш. Бев млад, наивен и многу вљубен. Ти беше целиот мој свет.

Ti-si-prosto-evtina-bidejki-moze-da-tekupat-so-pari-01.jpg

Да ми речеше некој животот да го дадам за тебе, без размислување ќе го сторев и тоа.

Ние потекнувавме од две слични семејства, сосема нормални, просечни македонски семејства. Тоа, не знам од кои причини, ми даваше надеж дека сме уште толку повеќе складни еден со друг и дека ќе успееме заедно. Сме ги поминале истите проблеми, сме живееле слични животи.

Двајцата сме си потпора еден на друг, мора да успееме. Зарем љубовта не е доволна за тоа?

Иако преживеав пекол без тебе и се соочив со невидена болка, сега сум му благодарен на животот што на време ми покажа каква беше ти всушност.

Среброљубец, гладна за пари и внимание. Секако, не ги отвори веднаш картите. Не си го покажа наеднаш вистинското лице. Иако мајка ми веднаш го позна, без разлика што вешто го имаше скриено под слојот шминка и слатките симпатични гримаси коишто ги правеше пред моето семејство.

Не е оваа девојка за тебе, рече мајка ми по средбата. Бев навикнал веднаш да носи суд, па не се потресов премногу. Ти едноставно не ја познаваш, ѝ реков.

Ги познавам добро таквите како неа. И толку. Тука секна муабетот и се стави точка.

Никогаш не ми рече – ти реков. Никогаш не ми дотури сол на раната, иако имаше потполно право на тоа. Мислам дека и нејзе ѝ олесна што на време се спасивме сите од таков превртлив лукав лик кој во главата има само една мисла–како да се збогати побрзо и да си го олесни животот.

Ништо не беше доволно добро. Моите мали подароци за кои бев штедел со месеци. Си скратував од мои лични задоволства, облека и излегувања за да ѝ го купам она што мислев дека ќе ја усреќи. Но, не ја усреќуваше ништо.

Секогаш следуваше споредба – да видиш што ѝ купи дечкото на Андријана… проследено со големината и цената на подарокот.

Суво подголтнував додека раскажуваше каде ги носеле нејзините другарки на шетање, на летување, на скијање… какви скапи фустани им купиле, чанти од 1.500 евра.

Сè што правев не беше доволно добро. Во тој период работев и студирав, а паралелно и преведував за дополнителен хонорар. Но, и тоа не стигнуваше да ги задоволи апетитите на мојата убавица.

Помина времето на возење велосипеди низ парк, качувањето на Водно секоја сабота, нашите излети во природа. Зад нас останаа сите скромни излегувања со пијачка или две, зад нас се прошетките и броењето ѕвезди и долгите разговори до доцна во ноќта и заедничките мечти за подобро утре и посветла иднина.

Надежта дека заедно ќе се бориме против неправдите и ќе го победиме светот со љубов, беа залудни.

Затоа што таа во меѓувреме сфати нешто друго. Дека убавината е квалитет од кој можеш да профитираш. Можеш да ја наплатиш. Па зошто да не фатиш некое полесно патче кон лагодниот лесен живот и експресно збогатување?

Знаеш дека во моментов не можам да си ги дозволам сите тие работи, конечно собрав храброст и ѝ го кажав на глас тоа од кое најмногу се плашев. Тебе тоа ти е најбитно?

А таа молчеше. Не ме ни погледна. Молчеше, а нејзиниот молк беше најгласниот најсуров одговор. Нејзиниот молк кажа сè.

Станав и си заминав без да се свртам. Многу пати бев во искушение да го завртам нејзиниот број и да ја замолам да си дадеме уште една шанса. Не можејќи да заспијам, будно сонував како таа доаѓа пред мојата врата и ме моли да ја примам назад.

Дека сфатила што е поважно и повредно, дека парите се заработуваат и губат, а јас сум тука и ја сакам толку многу, толку искрено, бескрајно.

По неколку депресивни измачувачки месеци случајно ја видов мојата некогашна девојка излезена со новиот дечко, некое богато момче со извикано име.

И таа ме виде, го фатив нејзиниот поглед низ толпата. Не знам дали ми се причини тогаш или навистина се случи, но како да видов една мала тажна насмевка на нејзиното лице.

Не знаев како да ја протолкувам, дали ѝ беше жал што ме оставила или ѝ беше жал за таков наивен сиромав глупчо како мене што сега шета сам по светот.

Денес не сум тажен, не сум депресивен. Не сум ниту лут повеќе. Така функционира светот и животот. Не ми се случи ништо ново или чудно. Не сум ниту првиот ниту последниот.

Благодарен сум што се случи на време и што научив важна лекција. Благодарен сум што животот не ми помина покрај глумица која умее вешто да лаже, некоја за која парите се единствениот предуслов да се биде со некого.

Но, најблагодарен сум што нејзината постапка не ме поколеба да изгубам верба во себеси. Дека сум никој и дека не вредам ништо, само затоа што немам 1.500 евра за фрлање на некаква си брендирана чанта.

Јас сум некој и нешто. И се надевам ќе најдам некоја која ќе го мисли истото без да ми ѕирка во новчаникот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg