Што кога ништо нема смисла?

Сè уште не научив како да не си ги ставам сите работи на срце. После толку години јас сè уште бев глупакот кој за се нешто ќе се грижеше како да е најважната работа на светот, додека другите воопшто немаше ниту да помислат, јас со часови ќе се измачував. Како да не научив како да заборавам на работите кои можеби и навистина беа неважни. Како да не знаев да живеам правилно, верував во розов свет кој не повредува, а добивав само сивило кое ми го откорна срцето.

sto koga nisto nema smisla 01

Се сеќавам дека беше 12 часот по полноќ. Светлината доаѓаше само од ноќната ламба, немаше никој. Надвор истураше како некој да потураше со кофа. Бев сам, немав на кого да пишам, немав на кого да се јавам. Сам на креветот во мојата дневна, покриен со едно ќебе преку глава, со мислите заробени во мојот мозок, се борев со себе за да сфатам зошто бев толку скршен, зошто толку болеше реалноста, зошто толку можеше да ме повреди светот. Зошто сето тоа јас го дозволував?

Се чувствував како да изгубив сè и како јас да бев виновен за сето тоа. Се чувствував како никогаш да нема да можам да ја почувствувам среќата. Бев гневен, бесен и иако реалноста можеби не беше сосема таква, јас имав празна, небалансирана душа, со многу прашања упатени кон себеси и многу пресуди против своја корист упатени кон мене самиот.

Зошто ние секогаш ги славевме неуспесите и се фокусиравме на она што е одвратно, наместо да ги славиме успесите и да се фокусираме на убавите работи во животот?

Се сеќавам дека таа вечер отворив еден стар мејл од мојата братучетка во кој пишуваше, „Кога една врата се затвора, друга се отвора, немој да стоиш долго пред затворената врата. Дај си време и простор, една битка не ја губи војната. Не им придавај толку значење на работите. Потсети се кој си, тоа ќе ти каже сè.”

Во солзите со кои се гушев, како да добив просветлување. Две, три реченици кои ме потсетија кој сум јас како личност што ми  даде до знаење дека не смеев да дозволам да се скршам на тој начин.

Иако во тој момент имав распарано срце и можеби сè беше толку нејасно, можеби сите сни делуваа уништени, разочарувањето беше над своето дозволено ниво и не можев да најдам желба утре да се разбудам, ме потсети колку напорно работев иминатите години. Ме потсети кој сум јас, зошто сум таму каде што сум и дека не смеам да дозволам еден пораз да го дефинира мојот успех. Не смеев да се откажам!

Ме потсети дека нема простор да се чувствува сожалување, да се бара откажување и дека ако сметам дека заслужувам повеќе тогаш треба да се борам за повеќе. Таа ме фати пред да се распарчам на земјата и ме натера да верувам во себеси. Со само неколку збора, кои можеби тогаш делуваа бесмислено, но сега вредеа повеќе од било кој документ кој гарантираше успех. Тие ме натераа да сфатам каде сакам да бидам, а оној што сака да биде некаде не треба да дозволи да попушти под емоционалниот притисок кој се налагаше секојдневно.

Не знам кој си драг човеку, не знам што те носи тука и не ја познавам твојата болка. Но знам дека што и да е причината за неа, не треба да дозволиш да се удавиш во води каде што не вреди да пливаш. На светот има некој кој ќе те сака, некој кој ќе биде крај тебе, ќе се бори за тебе и ќе научи да ги цени нештата кои те дефинираат тебе. Можеби не си ги слушнал тие зборови досега, но доаѓаат, верувај. 

Можеби не делува така во овој момент, можеби ништо нема смисла, немаш никој, немаш ниту средства, ниту желба и се она што ти текнува во твојата глава е да исчезнеш од овој свет. 

Можеби во моментот сметаш дека немаш за што да бидеш благодарен и си велиш дека нема смисла да го продолжиш својот живот, но верувај ми има луѓе кои едноставно не можат да го продолжат животот без тебе. Можеби се наоѓаш во таа темна соба, како јас. Сам, напуштен, скршен и празен, без да имаш кого да побараш. Знам колку боли и не можам да ти ја истргнам тагата веднаш. Но поминува, тоа знам!

Верувај ми и јас ги имав тие мисли во главата. Но тогаш сфатив дека сите неуспеси беа знаменца кон мојот успех и се она што го знаев за животот го научив токму од тие моменти. Всушност сфатив дека тоа беше таа лекција која никој не ја сака, но за да го поминеш тестот мора да ја научиш. Така станувавме силни.

Што и да ти се случува, ти си силен човеку. Еден ден ќе се вратиш тука и заедно ќе се смееме, со помисла „Зарем навистина мислев дека тука е крајот, зарем навистина тука сакав да ги испуштам конците и да се откажам?”

Избриши ги солзите. На светот му треба насмеана, самоуверена, силна личност, а ти си многу повеќе од тоа!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg