Во овој живот МОРА само да се умре, не мора да се венчаш и да раѓаш деца ако не сакаш

„МОРА да ги имаш сите петки, МОРА да завршиш факултет, МОРА да се омажиш, МОРА да родиш минимум две деца, МОРА!“

Vo-ovoj-zivot-mora-samo-da-se-umre-ne-i-da-se-vencas-ako-ne-sakas-01.jpg

Нашето општество сака по секоја цена да те смести во тој некој строго утврден калап. Шаблонизирано да се движиш по линиите и никогаш да не излезеш од нив, додека боиш со една иста боичка до крајот на животот.

Доколку се обидеш да излезеш надвор од линијата или да внесеш малку боја, ти си премногу либерална, умислена, што се занесуваш ма, од запад да не си? Многу филмови гледате.

Па можеби вашиот проблем е што вие воопшто не ги гледате. И не само тоа, не читате ниту книги, не сте доволно образовани, ниту кадарни да солите памет што е правилно, а што погрешно и што е тоа што МОРА, апсолутно МОРА! да се направи во животот.

Имав еден дечко кој упорно сакаше да си „склепаме“ бебе и да се венчаме. На прашањето со кои пари планираме да го направиме тоа и зарем не сме премногу млади (тогаш имав само 21 година и сè уште студирав), тој некако навредено ми одговори дека не сме деца од улица и дека имаме родители кои ќе се грижат за нас и ќе ни помогнат.

Не можев да издржам без силно да се насмеам и реков дека редот на моите родители за гледање деца им помина. Нема да си ја жртвуваат и староста како дел од младоста во повторното одгледување деца, односно овојпат внуци. А и премногу млади сме за брак и дете, нели?, прашав.

А што сакаш ти да правиш ма? Сакаш да завршиш факултет, да се вработиш, да шеташ по светот?

- Па сакам, има некој проблем во тоа?

- Има, видно изнервиран продолжи, сега мојот одамна поранешен дечко. Има проблем. Знаеш кој размислува така? Знаеш нели?

Јас размислував така. И јас завршив етикетирана со куп погрдни имиња и зборови, како сум била недостојна за него, недолична и сум се однесувала незрело. Сум сакала да се „акам“ по светот и да ми „мрткало газето“.

Немаше грам горчина во мене кога ја прекинавме врската, само огромно олеснување, и покрај купот навреди упатени на мојата сметка. Почнував да сфаќам дека тој сака други работи од својот живот, а јас не можам да пресудам дали неговото размислување е правилно, моето погрешно или обратно.

Фактот беше дека ние двајца сакаме сосема различни работи и тоа е во ред. Постои некој скроен за секого, само ние не бевме еден за друг.

Што е со тоа МОРА во нашиот менталитет? Кој е тој закон што не принудува да стапиме во брачна заедница, да имаме толку и толку деца, да заработуваме толку, да трошиме онолку, да одиме на одмор таму и таму, да правиме 36 вида ситни колачи за слави и имендени?

Не ми е јасно зошто МОРА да се направат тие и тие работи. За кого го живееме овој живот? За комшиите, Петко и Станко кои уво не ги боли за нас?

За роднините ли, за пријателите, за родителите? За кого тоа МОРА да го удриме потписот во матично, МОРА да го заиграме невестинското оро, МОРА да сме облечени во бело, МОРА да останеме со првиот дечко кој ќе го бакнеме, МОРА да родиме едно, па задолжително уште едно дете, за да бидеме подобра и поголема мајка во очите на другите?

За кого МОРА да имаме конвенционална работа од 8 до 4 врзани за бирото, МОРА да бидеме слаби, МОРА да сме облечени по последна мода?

Кои се тие другите? Дали тие другите доаѓаат и ми го полнат фрижидерот со храна? Дали тие ја работат мојата работа наместо мене? Дали тие ми ги плаќаат сметките, одморот и ми ги поправаат работите кои се расипуваат под покривот?

Дали другите го живеат мојот живот? Не. Зошто тогаш би го живеела според нечии туѓи желби и очекувања, кога секој има право да расудува и да го прави она коешто го сака.

За некои тоа е стапувањето во брачна заедница и раѓањето 4 деца. За други е посветување и вложување во својата кариера. За трети патување низ светот, за четврти животот со 3 домашни миленичиња.

И тоа е сосема во ред. Да се ослободиме од злобното, сурово зборче МОРА кои ни го наметнува општеството, со цел сите да нè обликува како идентични колачи, излезени како од еден досаден, ’рѓосан калап, по што наскоро ќе мувлосаме.

Ништо не мора бе златни, велеше баба ми. МОРА само да се умре во животот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg