„Такво време дојде, предметите се сакаат, а луѓето се користат“

Случајно налетувајќи на оваа мисла пред некој ден на Твитер и со дозвола на авторот, дефинитивно не постои подобар наслов да се долови денешницата во која живееме со само една реченица.

Predmetite-se-sakaat-lugjeto-se-koristat-01.jpg

Луѓето ги користиме, предметите ги сакаме. Ќе се истуфкаш за флеката на таа некоја омилена маица или како немало твој број од некакви си чевли. Ќе ти потонат сите бродови како не успеваш да си купиш некаква си чанта која е во тренд.

Не дај боже да се скрши некој предмет по дома, душата ти се распарчува. Жалиме и тажиме по материјални парчиња како да ќе нема утре.

Затоа што нас одамна нè дефинираат само материјални „ствари“. Банковното салдо, куповната моќ, облеката на себе. Кому му е гајле за мекоста на душата и топлината на насмевката? Какви се тие бајки за мали деца? Од каде ти е саатот, многу е јак брат.

Ќе умрам ли без таа нова маица, последна ли ми е на светов? Или можеби шетам боса, па толку да ми значи тој еден пар чевли?

Престанавме да се сакаме бре луѓе. Кого најмногу сакам во моментов, без кого не можам? Па се знае, без телефонот. Му робувам на телефонот. Спијам со него, се будам до него. Зјапам во телефонот додека утрински седам на ве-це шолјата, додека мијам заби, додека си варам кафе.

Немој да пропуштам нешто од виртуелната реалност во која сум преселена. Тој ми го краде вниманието додека се обидувам да работам и кога сум излезена со пријателите. И не сум сама, сите им робуваме на паметните телефони.

Со причина имаат етикета „паметни“, затоа што ние покрај нив сме најголемите глупаци.

Ако му бидне нешто на телефонот, тој скапо платен телефон, чиниш инфаркт ќе те стрефи. Истото се случува и со автомобилот, го гребнат ли, мислиш душата ти ја гребнале.

Какво време дојде? Луѓето околу тебе те гледаат како статистика, обична бројка. При првото запознавање и пружање рака бесрамно те прашуваат каде работиш, колку заработуваш, правејќи си ментален список во главата. „Ти ќе ми требаш за нешто, ќе те барам“.

Каде ќе ме побараш човек, кога одвај се познаваме. Тука сме само да се користиме едни со други, до умирачка. Не остана сочувство, не остана разбирање, не остана дружба, ниту смеа.

Сè е набљудувано низ призмата на парите. „Само интересот е вечен“, велеше дедо ми. Имаат ли корист од тебе, најдобар си им. Немаат ли, ќе те фрлат како ѓубре на улица и ќе те заборават.

Вака ли беше порано? Се сеќавам дека живеевме сосема нормален, просечен живот. Навистина не ни требаше многу. Цело лето „опремата“ за излет – 4 полускршени столчиња и една маса на расклопување се возеа во багажникот на „стокецот“. И каде ќе ни се бендисаше природата - таму ќе се насадевме.

Тркалавме по некоја топка и се вртеше скромна количина на скара. За ужина пред ручекот - ладно лепче со тврда паштета подзаборавена во фрижидерот. Никогаш не ми било послатко. Никогаш не сум била посреќна.

Живот, таков прост, едноставен, но среќен живот. Многу смеа, многу дружба, многу музика до разденување. Заспивање како некои мали сардини додека родителите му се радуваат на животот.

Мора и ние да сме ја чувствувале нивната енергија, затоа што и ние бевме среќни. Вистински среќни, „оцерени“ од уво до уво. Зелки.

Не сме плачеле по играчки, не сме приредувале „тантруми“ за облека. Не сме знаеле што е мода. Колку наивни и изгубени дечиња бевме. Ми се случи пред некоја година да не можам да тргнам во зоолошка со две дечиња на прошетка, затоа што едното не можеше да се одлучи што да облече на себе, па збесна. Тогаш имаше 6 години.

Ние на 6 години… дечиња. Со касетофонот чекаш половина ден да дојде твојата песна на радио и да ја снимиш. Притоа мртва тишина, здивот го запираш за поквалитетна снимка.

Што нè направи вака лоши, да се користиме едни со други, да се множиме со нула, а сето внимание и љубов да им ги даваме на предметите околу нас?

Дали изборот кој стана преголем, потребата за себеистакнување, желбата за докажување, жедта за пари? Технологијата, модерното време, сето ова во пакет нè оддалечи, наместо да нè доближи, нè унесреќи, наместо да нè усреќи.

Како мала, уживав во една приказна на баба и дедо, која всушност не беше никаква измислена приказна, туку вистина. Тие раскажуваа како немале пари да си купат кревет и душек. Па така си направиле „сламарица“ – парче крут материјал кој го сошила баба и го наполниле со слама.

На една обична импровизирана дрвена рамка ја поставиле, но не се покажало како нешто особено издржливо, па на крај ја наместиле на подот и така спиеле некое одредено време.

„Ама среќни си бевме. А бе деца, со љубов и слога далеку се стигнува. Трпение, не може сè преку ноќ. И убаво е да сакаш малку повеќе, ама и да си задоволен и среќен со тоа што го имаш“.

Кога размислувам на нив, солзи ми доаѓаат во очите и одвај ги запирам. Јас сменив 3 душеци за 5 години. Не ми се погоди спиењето на ниту еден. Со ваква пена, со онакви пружини… и страдам од секакви болки.

И во потрага и купување тони непотребни материјални работи, среќата привидно доаѓа само за миг. Следниот ден остануваш сам. Сфаќаш дека нема аир од материјалното. Ниту те гушка, ниту те теши додека плачеш, ниту те радува подолго од 3 дена. 

Понекогаш размислувам - ќе бидеме ли така среќни како моите баба и дедо, како моите родители кога беа помлади, така скромни, полни човечност и љубов за светот, луѓето и животот?

Или вечно ќе останеме да бараме повеќе, разлајани и неблагодарни додека им робуваме на предметите, а ги газиме луѓето и себеси…

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg