Јас сум директор, не треба јас да работам и да се „замарам“!

Синдромот на Господ кој го имаат македонските директорчиња, шефчиња, менаџерчиња е едно од најпоразителните нешта кои се случуваат во нашата држава. Има секако многу лоши работи во Македонија, но ваквата сорта на луѓе придонесуваат обичниот народ кој работи за нив да биде уште повеќе измалтретиран, понижен и со згазено достоинство.

Jas-sum-direktor-ne-treba-jas-da-rabotam-01.jpg

„Јас сум ви директор, не треба јас да се замарам со глупости, вие сте ми тука. Не треба јас да работам ништо. Еј, ти, зошто не се потрудиш да пронајдеш контакти и да склучиме некоја добра зделка?“

Секако директоре. Еве јас, сосема обичен човек кој е принуден од мака да работи за вас, со нула контакти од деловниот свет и нула капитал, под дрво или под камен ќе ја пронајдам можноста на нашиот живот и заедно ќе заработиме милиони! Одвај чекам! И нетрпелив сум поголемиот дел од процентот да ви припадне вам. Нели е време за ново станче, покрај другите четири кои веќе ги имате, хехе?!

А бре директорчиња, да ги имаме ние тие познанства и вашите пари, сериозно мислите дека ќе работиме за вас? Сами ќе си отвориме фирма. Сами ќе бидеме газди и вредно ќе си го заработуваме лебот.

Нема да газиме по луѓето. Нема да шефуваме како што вие го правите тоа. Ќе работиме подеднакво напорно како и останатите вработени. Не, исправка – ќе работиме повеќе.

Затоа што ние треба да сме пример кој треба да се следи. Работниците треба да се угледуваат на оние кои се лидери. Шефот, менаџерот, директорот треба да се истакне со своето позитивно однесување, прв да доаѓа и последен да си оди.

Зошто? Затоа што заработува најмногу. Еве ви го најпростиот и највистинит одговор. Не си чучнат во таа фотелја да го шириш задникот, потребно е да го развиваш мозокот, не само својот, туку и на сите останати.

Да ги мотивираш, да ги инспирираш вработените. Да ги цениш, но пред сè да ги почитуваш како луѓе и да ги сметаш за еднакви.

Кога ќе ви влезат овие работи во главата можеби и ќе имате право да се наречете шефови и директори.

Ама како очекувате сочувство, разбирање и напредок од некој кој не се запотил ниту еден ден за да дојде на местото каде што е? Мислите ја почувствувал маката на свој грб? Станувал со петлите, легнувал со мечето Ушко, работел вредно и чесно, се жртвувал многу пати во животот или има да покаже физички или емоционални лузни од работа?

Не, драги обични луѓе (патем, ОБИЧНИ нè нарекуваат токму тие). Не може човек пикнат „врскаџиски“ некаде преку ноќ, или бате со наследени пари и разработена фирма од тато пикнат на готово да те сфати како работник.

Не може да ти даде добар пример. Не може да те натера да го следиш. Не, нема да се смеам на твоите шеги, глупави се и неинтелигентни. Не, нема да те пофалам колку убаво си облечен и колку добра кола возиш, кога платата доцни 2 месеци.

Не, нема да пронајдам оправдување за тебе зошто не си уплатил здравствено осигурување, ама отиде на луксузен одмор со семејството, додека ние останатите со страв ја очекуваме новата учебна година за нашите деца.

Не, нема да ти кажам ФАЛА ШЕФЕ! за платата која ја исплати со задоцнување. За што точно да искажам благодарност, за фактот што таа плата мене ми е чесно заслужена и одамна веќе потрошена, додека се обидував да скрпам крај со крај чекајќи ја? За твојата милостина?

А тешко ви паѓа тоа. Фактот што некој не ви се умилкува, не ви дава комплименти, не ве пофалува. Фактот што не ве почитуваат. Да, може да ги натерате „обичните“ да ви се плашат, парчето леб им зависи од вас, но нема да им ја заслужите почитта.

Не, не сте паметни. Сопствената неукост ја криете зад превезот на ароганцијата и луксузот. Тие две работи може да си ги дозволите.

Да бидете арогантни и да трошите пари пред очите на вработените додека ги убедувате дека „се нема пари за плата или бонус“.

За вас има и слободни денови и празници и ден посветен на прваче. За обичните нема ништо. Нивното прваче не е специјално како вашето. Не, не може да излезеш ниту еден час од работа да го испратиш твоето дете! Не биди смешен и разгален, сте нашле па сте зашле, има да работиш!

Пред неколку денови директорот повторно испушти мудрост на денот. „Еве, имам покана за некој семинар – Како да бидете добар директор?“

Нема потреба да одите директоре. Јас ќе ви кажам бесплатно. Бидете само човек.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg