Млади, неспособни, а самоуверени со его до небото шефуваат и го туркаат светот напред

Денес нема неспособни деца. Сите се способни. Барем на хартија, на Инстаграм и на Твитер одлично се покажуваат.

mladi-nesposobni-a-samouvereni-so-ego-do-neboto-shefuvaat-i-go-turkaat-svetot-napred-001.jpg

Им се воодушевувам на самодовербата. Мислат дека можат да направат сè, вонсериски, уникатни и неповторливи. Тоа во најголема мера се должи на воспитувањето од дома.

Тапкањето по рамо никогаш не било изразено како денес. Најубави на мама и тато, најпаметни, најспособни. Никој не е како вас.

Англиски задолжително од 3 години, па втор, па трет јазик. Спорт, танц, музика. Секое дете има по најмалку 3 воншколски активности. Сите се максимално ангажирани околку неговиот развој и напредок.

Нас родителите нè држеа строго и мошне приземјени. Фалбите се делеа некако срамежливо и скржаво. И тоа можеби не било сосема правилно.

Кога некој ќе кажеше – „вашето дете многу учи, постигнува одлични резултати“, родителите најчесто реагираа изненадено и збркано – сигурни сте дека станува збор за моето дете?

Полу на шега, полувистина. Не знаеја да се справат со комплиментите. Не знаеја да нè фалат додека устата не им фати пена. Немаше кој да нè насочи кон просперитетните науки.

Во моето време се знаеше – ќе се запишеш на филолошки, економски или правен? Медицината е резервирана само за децата на докторите. На машински и електро одат само најголемите одличници, со исклучителен талент за математика и физика.

Немаше интернет во толкава мера, не знаевме за размена на студенти, за стипендии, за магистерски, за патување и работа во текот на летото.

Ниту од дома нè поттикнувале на овие активности. Се движевме по некој строго утврден терк на работите, а искуствата на поединците кои отскокнуваа ги прераскажувавме со почит и воодушевување.

Денес нема такво воодушевување. Сите се истакнуваат, сите грабаат пред себе со полна пареа. Не е важно дали и колку се способни, децата на денешницата се самоуверени.

Од дома им е всадено дека може да постигнат сè што ќе посакаат, само доколку намислат. Ја имаат полната поддршка и многу повеќе – жртви од огромни размери за доброто на децата.

Што од финансиски, што од материјален, физички и психички аспект.

На сите овие можности, на сета оваа поддршка, на сето тапкање по рамо, дување на егото како под дејство на квасец, на сите удобности на денешницата, може ли да се објасни како поголемиот дел од истите тие деца (со чест на ретки исклучоци) се неспособни, полуписмени и не може да се снајдат со основни работни задачи?

Зарем немале подобро образование од нашето, зарем не им се дадени повеќе можности, зарем во времето на ваква масовна глобализација шансите за успех не се драстично зголемени?

Ние сè уште остануваме оние несреќници од заспаната генерација, послушни, зауздани, по малку уплашени и недоволно самоуверени.

Не прифаќаме секаква работа, бидејќи не сме сигурни дека можеме да ја сработиме целосно успешно. Се двоумиме да земеме збор, да се истакнеме, да го искажеме ставот и мислењето. Размислуваме два пати пред да кажеме нешто, имаме почит кон хиерархијата и авторитетот.

Нè фаќа срам додека слушаме како некој дупло помлад од нас ломоти неразбирливи и нелогични глупости, како се бламира. Без двоумење би ја прифатил работата на директор, способен е, одлично ќе се снајде во улогата.

Вие двоумете се дали да го прифатите унапредувањето од страв дали ќе успеете да одговорите на задачите. Имајте усул за другите, имајте ја таа одредена доза на срам и воздржаност кои очигледно ве враќаат секогаш неколку чекори назад.

Некој помлад, помалку искусен, со помалку знаење ќе ја прифати со воодушевување и таква доза на самоувереност, што ќе ги заплаши сите околу него.

Утре ќе ви шефува, а вие ќе бидете мирни послушници кои ја сработуваат целата работа, без денарче надоместок повеќе од предвиденото и без грам благодарност за вашиот труд. Само не прашувајте се како работите стигнаа дотука.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело / Фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно Се сеќавате дека до пред 15-тина години Денот на трудот се празнуваше на 1-ви и ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Дечињата со посебни потреби се птици со скршени крилја – тие се убави како и сите други, само им тре... Родителите на децата со посебни потреби креираат еден посебен свет за своите дец...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg