Сè додека не умираш, немаш право да ми се жалиш за банални или преувеличени проблеми

Сите си имаме некоја мака, сите се соочуваме со проблеми. Прашањето е – кој колку умее тоа да го издржи, достоинствено, исправено, храбро, наместо да потклекнува на првата препрека, да се сопне од најмалиот камен и никогаш повеќе да не стане, извалкан од прав и солзи.

Se-dodeka-ne-umiras-nemas-pravo-da-mi-se-zalis-01.jpg

Велат, не постои кантар кој може да ја измери мојава и твојата тежина на душата, и јас велам – дека постои. Некои проблеми се многу посериозни од други. Некои имаат многу решенија, за други одвај и да најдеш лек.

Како и за многу други работи што чекорат со иронијата рака под рака низ животот, така и луѓето кои во душата носат планина од тежина се секогаш најведри, најнасмеани, најсмирени.

Наместо ти да ги охрабруваш, тие ќе пронајдат малку време да позборуваат со тебе, да те ислушаат, да ти кажат убав збор, да те утешат или макар само да ти се насмеат. Кога ќе видам такви луѓе, кои не знаат веќе од која страна животот не им свртел грб како сè уште не кренале раце, и други кои не можат да ја затворат устата од неосновани жалби, ми доаѓа да врескам од мака.

Па имате ли милост? Како умеете да се жалите дека не ви стигнува платата пред некој кој заработува 4 пати помалку од вас? Таа кутрата душа само милно трепка и не знае што да ви одговори, освен–така си е, тежок е животот, со доволно усул да не ве навреди.

Но, не треба да ви се молчи. Треба еднаш засекогаш да ви се каже да престанете да се занесувате, да го парате небото со носот и беспотребно да се жалите – затоа што е грев. Сериозно е грев да се жалиш, додека си здрав, млад, прав, имаш љубов и свет полн можности.

Имаш право да се пожалиш кога ќе дознаеш дека твојот работодавач со месеци не ти плаќал здравствено осигурување и не можеш да си ја дозволиш и најпростата операција на Државна клиника, бидејќи истата приватно чини 10 пати повеќе.

Немаш право да се пожалиш затоа што прамените ти испаднале кафеаво чоколадни, а ти си посакувала кафеаво златни. Паѓањето во транс од овие драми ми е преку глава, освестете се за сопственото добро.

Немаш воедно право да се жалиш и да ја тероризираш околината со недели како да е прашање на живот или смрт за некоиси најпрекрасни чевли на планетава од кои немало твое бројче, за скината рачка од чантата, за стаклена чаша која ти се скршила и сега комплетот не ти брои повеќе 6 чаши, оти некој те погледнал накриво во автобусот или продавачката го спакувала подарокот со зелена, наместо со сина машничка.

Немаш право да драматизираш затоа што си купила само еден, а не три капути за новата сезона, затоа што тој некојси лигуш не ти се јавува веќе трет ден, затоа што нема слободно место во твојата омилена кафеана за резервација, затоа што таксистот те оставил 20 метри подолу од посоченото место или другарка ти кажала зад твојот грб дека си неспособна.

Чудно ми ти чудо. Мали драми со размери на трагедии, кога вистинската трагедија се случува кај сосема други луѓе, на сосема други места.

Луѓето кои немаат скршена пара да врзат крај со крај и да го истераат месецот. Оние кои стравуваат дека секој момент ќе им тропне извршител на вратата и поради неколку неплатени сметки може да го изгубат покривот над главата.

Луѓето кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк во денот. Конечно, луѓето кои се смртно болни.

Не си видел дно и мизерија додека не си прошетал на онкологија, додека не си чекал ред со часови за најобичен преглед, додека не си примил хемотерапија, додека не си слушнал толку страшни вести што болеле повеќе од откорнување на ноктот.

Не си почувствувал поголем страв од оној што не знае што попрво да направи со мизерната платичка, да купува леб или лекови, да се лекува или едноставно да умре, па да им ги скрати маките на сите, вклучително и себеси.

Не си дочекал срам од оној да просиш и молиш за пари со цел да ја платиш операцијата, да чекаш донации од милосрдни непознати луѓе, не си почувствувал немоќ како соочувањето дека твојот живот е во нечии туѓи раце, оставен на милост и немилост на системот, институциите и луѓе кои не ги познаваш.

Не постои таков проблем и таква тежина како онаа кога блискиот ти умира пред очите, кога на детето кое треба да те надживее полека му згаснува животот и конечно – кога самиот ти умираш. Кога си се намирисал смрт, страв и тага за два животи. Кога си млад човек заробен во телото на старец од животот кој те казнил најсурово што може.

Сè друго споредено со ова изгледа смешно, банално и непотребно театрално.

Најголемиот дел од вас и немаат проблеми, барем не сериозни и не нерешливи проблеми.

На сите ни фали доза објективна релативизација или народски кажано – да си ги чукнеме главите за што точно се нервираме и какви работи во животот ги ставаме го категоријата проблеми.

А кога оние со кои истиот овој неправеден живот си поиграл најсурово ќе се насмевнат и ќе ти речат – не грижи се, сè ќе помине, тогаш, само тогаш, одвај го сопираш плачот кој вистински вредел да го исплачеш.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Луѓето ќе ви зборуваат за вашето дете, но не ги слушајте... Јасно и гласно ќе ви кажат дека не треба да го лулате бебето за да заспие, а пот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg