„Прва во друштвото станав мајка - другарките немаа разбирање за мене, им станав здодевна“

 Како „тазе” другарка која се омажи прва и чија свадба беше жива радост за девериците (другарките, се разбира), така бев и првата која чекаше бебе. А тоа беше возбуда на која ѝ немаше крај. Во групата на Вибер постојано се чекаа слики од ултразвук, па од каде ќе купиш креветче, идеи за онлајн продавници за слатки парчиња облека, машко ли ќе биде, девојче ли ќе имаме прво во друштво и слични работи кои измамуваа безброј муабети до доцните ноќни часови…

ispoved-drugarkite-ne-me-razbiraa-otkako-stanav-majka-01.jpg

Сè додека јас не станав и официјално мајка, па оддеднаш првиот коментар беше „Пропадна во земја, ја нема да се јави, се изгуби...”. А јас во бунило.

Или чекајте… „Тие пропаднаа во земја?“

Да, другарките кои претходно беа тука за сè ,одеднаш ги снема. Ниедна не се јави да праша како сум, дали ми треба нешто, освен стандардните мекици на кои сите среќни, весели и поднапиени славеа за првото бебе во друштвото.

Откако ме снема првите 40 дена додека закрепнував од породувањето, се привикнував на техниките за доење, справување со несоница, со недостиг на млеко и слични нормални поими за една тазе мајка за првпат... очигледно моите другарки имаа позанимливи теми за дискусија, па на ниедно кафе не бев поканета јас, небаре мојот социјален живот заврши во моментот кога решив да оформам семејство.

Па, така постојано имаше пораки во истата Вибер група, но некако не се однесуваа на мене... „Ајде вечер на пијачка во Дебар Маало, накај 10". „Ајде да одиме на викенд во Охрид!", „Сакате ли ручек на велешко?"

Нормално, за мене временската рамка не одговараше, а и никој не се најде доволно обѕирен за да ме праша дали ми одговара. (Не дека барав да добивам привилегии, но секако мојот дневен распоред и рутина, беше помалку флексибилна, па очекував барем најмалку од сè - РАЗБИРАЊЕ).

И, ете така, бидејќи сепак сакав да се дружам (а моите хормони малку спласнаа), решив да го оставам моето бебе со мајка ми, претходно нормално ја „наоружав" мајка ми со измолзено млеко, 10 пелени, креми, марамици и една торба облека небаре ќе одам на викенд без бебето, а не на кафе од 2 часа.

Стигнав на договорената средба и брзо сфатив дека таму веќе не припаѓам (барем така мислев). Се зборуваше за мода, трачеви, каде ќе се оди викендов, што да се облече.... и се почувствував како да не сум дел од тоа друштво со години (а поминаа само неколку седмици).

Немав што да дополнам и да кажам, па претежно слушав и молчев.

Моето секојдневние беше видно изменето, па сè на кое јас размислував тој период е дали моето бебе е добро, најадено, наспиено, дали се хранам правилно, дали моето бебе има грчеви, зошто плаче и дали имам доволно млеко. Секако, тоа беше тема која не беше интересна и сфатлива за моите другарки кои сè уште ги интересираше само пијачка, кафе и диско.

Нормално, си дојдов дома навидувам одморена, а всушност поуморна од кога било. Мозокот ми работеше 100 на час, со безброј прашања за тоа која сум сега, како ќе живеам, дали сум јас променета, или едноставно веќе не е тоа - тоа.

Сега веќе размислувам поинаку...

Поминаа неколку месеци. Чат-пат се гледаме, ќе се подружиме. Нормално, колку дозволуваат обврските и времето. Муабетите се различни, но сепак некако се пронаоѓаме меѓу себе... Како некогаш. 

Веројатно сфатив дека треба време и дека интересите кај секој од нас се менуваат со времето и со животот. Кога си првата во друштвото која оформува семејство, тоа веројатно ќе те направи најзрела за подоцнежните промени кои секоја од нас ќе ги доживее. Иако моето секојдневние се смени, сепак некои интереси останаа заеднички.

Па така, и јас повторно се вклопив во сечии разговори во друштвото, макар што за мене тоа се веќе одминати теми. Но, секако, тоа вроди со плод. Па, забележав дека и моите другарки полека, но сигурно, се интересираат за тоа што значи мајка и каква е жртвата што ја имаме ние како жени понекогаш. Па, и тие ќе станат мајки некогаш. 

Сега веќе кафињата се претежно за викенд, во парк додека мојата ќерка среќно проодува, а сите ние трчаме по неа. Кафето испиено на клупа стана наша заедничка навика во слободно време.

И така понекогаш набљудувајќи од страна ќе си признаам дека друштвото не се смени, туку се сменив јас, мојот живот и моите навики.

Но, сите нè чека истото... Некој порано, некој подоцна....

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. У. Т. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg