Ветувања за моето дете: Заедно ќе учиме еден од друг. За животот. За среќата. За љубовта.

Понекогаш и плачот ќе биде доволен знак дека сум потребна. Дека треба да бидам тука за некого. Ќе бидам будна 24 часа дневно. Дури и кога спијам. Секогаш внимателна. Едното око отворено, едното уво наострено. Ќе го чекам првото движење. Ќе чекам да почне да ползи, да седи. Да прооди.

vetuvanje-na-edna-majka-01.jpg

Ќе чекам да ги пружи рачињата и да трча со дебелите ноџиња, со ангелска насмевка, а јас ќе бидам среќна заради таа слика. Но, и загрижена, случајно да не падне моето бебе и да не се повреди. Ќе го галам, ќе го бакнувам, ќе го гушкам. Само кога ќе ми го дозволи тоа.

Ќе викам и беснеам во миговите на лудило од замор и стрес, но ќе се обидувам тоа да не го правам пред бебето.

Ќе го хранам, ќе му менувам пелени, ќе му ги бакнувам малите стапала. Ќе го учам на сè и сешто и постојано ќе му зборувам. Ќе му ги покажам дрвјата. Ќе го допираме заедно. Ќе му ја покажам куќата и ќе ја допреме заедно. Ќе лаеме како кучиња. Ќе му раскажувам и читам бајки и приказни. Ќе го учам дека животот не е бајка.

Ќе го учам дека некаде можеби постојат Пепелашка и Снежана. И злите вештерки. И Петар Пан кој е во потрага по својата сенка. Дека некаде постојат и Ивица и Марица и трите прасиња, волкот и седумте јагниња.

Ќе танцуваме додека пееме и ќе пееме додека танцуваме.

Ќе освојуваме скалило по скалило, ќе се качуваме до највисокиот планински врв. Кога бебето ќе порасне, можеме и планините да ги освојуваме, иако јас повеќе сакам море.

Ќе бидам болна, тогаш кога и бебето е болно. Дали од нервирање и стрес, не знам. Но, и болна ќе бидам тука за своето злато, бидејќи е поважно. Бидејќи нему му е потешко од мене.

Ќе му купувам најубава облека. И чевли. И патики. Можеби не секогаш најскапите, но со сигурност најудобните и најубавите.

Ќе го гледам како расте. Како маиците му стануваат малечки. Тие работи ќе ги чувам. Се надевам засекогаш. Ќе му купувам играчки – дрвени, едукативни, гумени, пластични. Што и да пронајдам, што и да ми се допаѓа. И што и да му се допадне на бебето.

Но, пред се, ќе му купувам книги. И додека го држам во раце, ќе го учам на животните – како да каже слон, прасе, петел. Која боја се автобусите и како изгледаат автомобилите. Ќе се топам од милина секогаш кога ќе каже „мама“. Ќе бидам горда на научените зборови, па дури и да ги каже на три години. Ќе го носам и ќе го чекам пред градинката. Ќе наслушувам од вратата на градинката дали баш моето дете плаче или е добро и си игра. Ќе го шетам.

Заедно ќе откриваме нови улици и нови предели. Ќе го шетам со количка или ќе пешачи покрај мене. Понекогаш ќе возиме колички. Ќе трчам низ куќата и ќе се кријам кога знам дека ќе ме бара и така ќе се смее и ужива. Ќе го учам да не ги допира рерната, машините и другите опасни работи. Ќе го учам и ќе се надевам дека сум успеала во тоа.

Ќе ја делам со него храната. Ќе му давам да јаде и ќе го учам само да јаде. Ќе му дозволам да ме рани, иако тоа подразбира тони истурени кашички и сокчиња. Тогаш кога мирно ќе спие, ќе го чистам нередот, а понекогаш ќе спијам заедно со него. Ќе му готвам ручек. Вечера и појадок. Ужини. Додека го правам тоа ќе му дозволувам да ми помага.

Ќе правиме гримаси на лимонот, ќе уживаме во чоколадото. Ќе го пробаме секое јадење и ќе го јадеме тоа што ни се допаѓа.

Ќе ги гледаме ѕвездите во ноќта. И месечината. Облаците. Ќе го гледаме сонцето во топлите дни. Ќе собираме цвеќе. Ќе играме фудбал. Одбојка и тенис. Ќе се возиме со автобус. Со воз. Со автомобил. Ќе летаме со авион. И на крилата на фантазијата.

Ќе учиме еден од друг. За животот. За среќата. За љубовта. И што е најважно од сè, секој момент ќе го делиме со тато. Нашиот најмил. Бидејќи кога сме ние тројцата заедно сè е поубаво. И полесно, секако.

Би можело да ве интересира:

Психологот Ивана Хаџиванова: „Ризик да бидат жртви на булинг се деца кои се воспитани да бидат тивки... „Ризик да бидат жртви на булинг се деца коишто се воспитани да бидат потивки, по...
5 мажи кои може да добијат награда за сопруг на годината (а останатите да им завидуваат) „Мојот сопруг е студен како сибирски мраз, ми недостасува тоа што не покажува не...
Тешки вистини со кои секој родител треба да се соочи, според наставници „На детето од прво одделение не му треба смартфон. Престанете да ги користите ек...
Дали родителите треба да се прегрнуваат и бакнуваат пред своите деца? „Кога мама и тато ќе се прегрнат, детето не гледа „романтика“, туку сигурност и ...
Децата не знаат за предрасуди, ги учат од нас Кога ќе се родиме, ние сме најчистите суштества на планетата. Родени од љубов и ...
„Не, сине, ништо не ми должиш, оди слободно по својот пат (нека не те плаши мојата старост)“ Мајчинството не е договор, ниту долг, тоа е бескрајна љубов која не бара ништо з...

Најчитани неделава