Помалку познати симптоми на рак на дојка што е добро да ги знаете
Ако забележувате исцедок од брадавиците, а не доите и не сте бремени, тогаш консултирајте се со лекар. Шансите дека станува збор за рак се многу мали, но подобро не оставајте ништо на случајноста бидејќи раната детекција е клучна.

Ракот на дојка е еден од најчестите видови рак, но добро е што жените стануваат посвесни за болеста и симптомите.
Редовните прегледи, вклучувајќи го и самопрегледот, се клучни за рана детекција на болеста што, пак, значително ги зголемува шансите за успешно лекување.
Веруваме дека веќе ги знаете промените на градите кои не треба да ги игнорирате, како појава на грутки или превртена брадавица.
Но, постојат други промени кои иако не секогаш се знак за рак, не треба да ги игнорирате.
Дел од помалку познатите симптоми на рак на дојка:
Исцедок од брадавиците
Ако сте бремени или неодамна сте родиле, тогаш исцедокот од брадавиците најверојатно е мајчино млеко – нешто што очекувате.
Но, ако не сте бремени или не доите, тогаш исцедокот може да биде симптом за рак на дојка во рана фаза.
Ваквиот исцедок поверојатно не е рак, туку друг проблем, како зголемено ниво на хормонот пролактин. Што значи, не треба да паничите, но сепак консултирајте се и со лекар.
Крвав исцедок од брадавиците
Постојат многу причини за појава на крвав исцедок од брадавиците, како израстоци во млечните жлезди кои не се канцерогени или, пак, иритација.
Но, штом го забележите овој симптом, секогаш е добро да се консултирате со лекар.
Отечени лимфни жлезди
Лимфните жлезди се како филтер на телото кој уништува бактерии, вируси и други штетни микроби. Токму и затоа отекуваат кога сте настинати или болни.
Во ретки ситуации, отечените лимфни жлезди може да бидат знак за рак на дојка. Во овој случај е поверојатно да се појават во близина на пазувите или клучните коски.
Не значи дека отечените лимфни жлезди се сигурен знак за рак на дојка, но ако се на место како пазувите, а забележувате и некој друг симптом, тогаш консултирајте се со лекар.
Чешање во областа на брадавиците
Чешањето во оваа област е честа појава и генерално не треба да ве загрижува.
Сепак, ако е придружено со црвенило, промени на кожата, исцедок и слично, не го игнорирајте и разговарајте со лекар.
Потечени и чувствителни гради
Промените на градите се нормални во зависност од менсутралниот циклус.
Пред да добиете менструација, односно кога сте во ПМС, сосема нормално е да чувствувате болка и градите да ви делуваат отечено. Но, ова се промени што ги чувствувате секој месец и веќе сте свесни за нив.
Ако забележите некоја ваква промена во „погрешен“ период од менструалниот циклус, ако болката е многу силна и промените се премногу очигледни и поразлични за вас, тогаш разговарајте со лекар.
Прочитајте и: Упатство како сами да ги проверите вашите гради за рак на дојка + кои се симптомите?
Спирова С. | Црнобело
