Шест физички симптоми на деменција (кои лесно се игнорираат)
Промените во спиењето, како будење среде ноќ и месечарење, може да се знак за деменција, особено ако се придружени со други симптоми. Во физички симптоми спаѓаат и проблемите со рамнотежата.

Со годините доаѓаат низа промени кои се нормални.
На пример, на постарите им се случува да заборават нешто или да не можат да се сетат на нечие име.
Ваквите когнитивни промени генерално не треба да бидат причина за грижа, но важно е да се направи разлика помеѓу нив и деменција.
Деменцијата не е нормален дел од стареењето и претставува збор што опишува симптоми како проблеми со меморијата и губење на сеќавањето.
Поради ова, мислиме дека деменцијата се забележува само кај когнитивните промени, но може да биде причина и за физички симптоми.
Физичките симптоми на деменција можат да бидат предизвикани и од други фактори, па важно е да не поставувате дијагнози сами.
Но, ако ги забележувате и се придружени и со когнитивни промени, тогаш е важно да се консултирате со лекар.
Кои се честите физички симптоми на деменција?
Проблеми со одењето и одржувањето рамнотежа
Иако не го ни забележуваме ова, за да можеме да одиме и да одржуваме рамнотежа, мозокот работи мошне напорно.
Треба да го процесира она што го гледаме, она што го чувствуваме со стапалата и уште низа други работи.
Бидејќи деменцијата има влијание врз мозокот, може да предизвика проблеми со одењето, одржувањето рамнотежа, како и често паѓање.
Промени во држењето на телото и влечење на нозете
Деменцијата може да предизвика и промени во држењето на телото, како и влечење на нозете при одење.
Некои луѓе може и да почнат да одат побавно од вообичаено.
Промени во сетилата за вкус и мирис
Промените во овие сетила можат да бидат предизвикани од разни фактори – на пример, коронавирусот има влијание врз нив.
Сепак, ако нема објаснување за промените, а се придружени и со други симптоми, може да е во прашање деменција.
Отежнато голтање
Не е невообичаено повремено да „се задавите“ со храна. Ова се случува кога не го голтаме залакот правилно, па храната завршува во дишникот наместо хранопроводот.
Сепак, кај лицата со деменција оваа појава може да биде почеста и генерално да се забележи отежнато голтање.
Проблеми со контрола на мочниот меур
Инконтиненцијата, народски кажано „подмочување“ претставува состојба кога не можете да го контролирате мочниот меур, па неволно испуштате урина.
За да се контролира мочниот меур, се активираат многу нерви. Деменцијата има влијание врз овие нерви, па може да се јави инконтиненција.
Промени во спиењето
Причини за промени во спиењето има безброј – од стрес, до помалку сериозни проблеми со здравјето.
Сепак, и деменцијата може да предизвика промени како будење среде ноќ, зборување во сонот, месечарење…
Спирова С. | Црнобело
