Има ли начин побрзо да оздравите од настинка (или мора да чекате скоро цела недела)?
Антибиотиците нема да ви помогнат побрзо да оздравите од настинка бидејќи ова не се лекови за вирусни инфекции. Истовремено, кога сте настинати, фокусирајте се на тоа да ги ублажите симптомите наместо да барате „волшебен лек“ со кој ќе оздравите преку ноќ.

Настинките се нешто што го искусиле сите и иако обично не предизвикуваат силни симптоми како грип, сепак не се ни пријатни.
Па, кога сте настинати, веруваме дека си го поставувате прашањето дали може да направите нешто за да оздравите побрзо.
Сигурно и сте слушале за природни лекови, како чаеви, кои наводно ја лекуваат настинката преку ноќ.
За Huffington Post, неколку лекари откриваат дали постои таков чудотворен лек.
Според нив, за жал, нема начин да ја скратите должината на настинката, дури ни со суплементи како цинк или витамин Ц.
Настинките најчесто се предизвикани од вирус познат како риновирус, па не можете да влијаете врз траењето на настинката.
Но, ова не значи дека не треба да водите грижа за себе.
Кога сте настинати, треба да се фокусирате на ублажување на симптомите, но и да водите грижа за вашето тело за полесно да се избори со вирусот.
Според лекарите, досегашните истражувања за настинките даваат различни резултати за тоа дали постои лек кој може да ги скрати нивното траење.
На пример, според едно истражување, пиењето цинк може да го скрати траењето на настината. Но, поново истражување дава сосема спротивни резултати.
Истото е и за суплементите со витамин Ц – некои истражувања покажуваат дека ја скратува настинката, но според други нема ефект врз тоа колку долго таат.
„Може да биде збунувачко кога ги гледате резултатите и пробувате да ги разберете, но за жал, нема брз лек.
И, јас секогаш им нагласувам на пациентите – третирајте ги симптомите. Користете лекови без рецепт кои ќе ви помогнат да се справите со симптомите“, вели лекар за HuffPost.
Тој вели дека иако можеби нема да ја скратите настинката, не мора да бидете мизерни додека да оздравите.
Па, ако имате затнат нос, купете нешто аптека за тоа. Ако имате болки, испијте нешто против болка…
Покрај лековите, важно е да водите и добра грижа за себе, односно да одмарате, да јадете хранлива храна и да пиете многу течности.
Што значи, во ред е и да земате витамини и да пиете чаеви за да му помогнете на телото да се бори со настинката.
Сепак лекарот истакнува дека ова нема да направи настинката да исчезне преку ноќ, но ќе го направи целото искуство помалку непријатно.
Повеќето луѓе оздравуваат од настинка за околу една недела и немаат потреба од посилни лекови.
Но, ако имате проблеми со срцето или бубрезите или сте повозрасна личност, секогаш е добро да се консултирате со вашиот лекар.
Исто така, ако забележувате дека симптомите се влошуваат, одете на лекар кој ќе утврди дали можеби имате и нешто друго.
Важно е да се нагласи дека настинка не се лекува со антибиотици – овие лекови се користат за бактериски инфекции, а настинката е предизвикана од вирус.
„Ако му барате антибиотици на вашиот лекар за побрзо да оздравите, нема да ви помогнат. Исто така, ако пиете антибиотици кога не треба, придонесувате за зголемување на отпорноста на бактериите на овие лекови.
Ова е нешто што им го кажувам секојдневно на пациентите. Луѓето сакаат антибиотици за побрзо да оздрават. Но, овие лекови не можат да го отстранат вирусот ниту неговите симптоми“.
За крај, тој додава дека кога сте настинати, треба да бидете трпеливи.
„Искрено, не можете да направите многу. Треба да ја издржите бурата.
На повеќето вируси им требаат од пет до седум денови за целосно да поминат и да се чувствувате подобро“.
Лекарот предупредува и да не „паѓате“ на лекови кои ветуваат дека ќе оздравите преку ноќ.
Спирова С. | Црнобело
