Луѓе кои имале рак споделуваат кои симптоми посакуваат да не ги игнорирале
„Ненадејно слабеење. Прво ми годеше, но набрзо сфатив дека е предупредувачки знак. Посакувам да отидев на лекар побрзо“.

Колку и да сте свесни за симптомите на разни видови рак, факт е дека никој од нас не очекува да се соочи со ваква дијагноза.
Поради ова, повеќето луѓе не одат на преглед дури и ако забележат некој проблем. Главно ова се однесува на симптоми кои не се толку изразени или сериозни, па е лесно да се изигнорираат.
Но, кога е во прашање рак, шансите за лекување се многу поголеми ако се забележи рано.
Затоа, секојпат кога ќе се посомневате дека нешто не е во ред, одете на преглед.
На Редит, пак, корисници кои имале рак споделуваат кои симптоми посакуваат да не ги игнорирале:
„Имав крв во столицата. Лекарите упорно ми велеа дека се хемороиди. Излезе дека на 31-годишна возраст имам рак на дебелото црево во четврти стадиум“.
„Посакувам моја сакана личност да отидеше на препорачаниот преглед за рак на дебелото црево кога наполни 50 и да не ги игнорираше изразените симптоми.
Кога конечно направи преглед, доби дијагноза за рак во четврти стадиум. Почина по четири месеци“.
„Едноставно се чувствував лошо и се потев навечер. Се прегледав по неколку месеци и речиси умрев од рак на тестиси во напредна фаза. Четири месеци се лекував со хемотерапија, а потоа добивав третмани уште една година.
Годинава славам 40 години од успешното лекување“.
„Замор. Се чувствував ужасно. Хронична болка во грбот, замор, констипација и имав чувство дека нешто не е во ред. Крвната слика ми беше добра, немав некои конкретен знак дека нешто се случува.
Кога конечно добив дијагноза, дознав дека имам лимфом во четврти стадиум. Веќе три години е во ремисија“
„Баба ми отиде на преглед бидејќи нејзиното куче одеднаш стана агресивно. Го носеа по ветеринари и кога не може да откријат ништо, ја советуваа таа да оди на лекар.
Ѝ открија рак на мочниот меур во прв стадиум. Немаше никакви симптоми, се излекува и имавме уште 11 години со неа“.
„Во тинејџерските години имав Хочкинов лимфом. Не знаев дека екстремното чешање на нозете може да биде симптом на мојот рак.
Требаше да знам дека има проблем кога со себе носев виљушки и џебни ножиња за да се исчешам, а не ми помагаше. Благодарение на науката и технологијата, сега сум седум години излекуван“.
„Другарка ми имаше рак на дојка, направи мастектомија и радијација и се излекува. Неколку години подоцна ѝ се појави ужасна болка во грбот.
Лекарите ја праќаа на физикална и никој не сфати што е сè додека не доби мозочен удар – најдоа тумор кој се проширил на вратот и ’рбетот. Ако некогаш сте имале рак, секој нов симптом поврзувајте го со тоа“.
„Ненадејно слабеење. Прво ми годеше, но набрзо сфатив дека е предупредувачки знак. Посакувам да отидев на лекар побрзо“.
Спирова С. | Црнобело
