Мозочен удар, откажување на бубрезите: Што ќе се случи ако не го третирате високиот крвен притисок?
Високиот крвен притисок може да се регулира со лекови и промени во животните навики, но ако не го третирате, се изложувате на огромен ризик – може да се соочите со оштетување на мозокот, на срцето, на очите, па дури на бубрезите.

Високиот крвен притисок, познат и како хипертензија, е меѓу најчестите здравствени проблеми.
Иако може да се регулира со соодветни лекови и промени во животните навики, многу луѓе го занемаруваат ова, несвесни за штетата што самите си ја предизвикуваат.
Па, што ќе ви се случи ако не го регулирате високиот крвен притисок?
Оштетување на артериите
Со текот на времето, хипертензијата го зголемува притисокот од крвта врз артериите и ова може да ги оштети.
Високиот крвен притисок може да ја оштети внатрешната обвивка на артериите, па тие да си ја изгубат еластичноста или да се стеснат.
Со ова се намалува дотокот на крв низ телото.
Ако ни ова не се третира, може да настане аневризма – проширување на ѕидот на крвните садови. Поради аневризмата, крвниот сад може и да пукне, а ова е опасно по живот.
Аневризмите можат да се формираат во сите крвни садови, но најчести се во најголемата артерија, позната како аорта.
Оштетување на срцето
Високиот крвен притисок може да предизвика и сериозно оштетување на срцето.
Ако не се третира, притисокот може да ги ослаби срцевите мускули и со тоа да ја намали функцијата на срцето.
Бидејќи при хипертензија срцето мора да работи повеќе, тоа може и да се прошири.
Сите овие проблеми може да доведат до сериозно заболување на срцето, вклучувајќи и инфаркт.
Оштетување на мозокот
На мозокот му е потребен непречен доток на крв за да функционира нормално.
Кога дотокот не е доволен, може да се јави тип деменција позната како васкуларна деменција.
Може да се појават и проблеми со сеќавањето, јазикот и начинот на размислување. Иако овие промени не се многу изразени, сепак може да ја намалат когнитивната способност.
Поради високиот крвен притисок, крвните садови во мозокот може да се оштетат и да предизвикаат мозочен удар.
Од хипертензија може и да се затнат некои садови во мозокот со што се зголемува ризикот од мозочен удар.
Оштетување на бубрезите
Бубрезите ја филтрираат крвта, а за овој процес се потребни здрави крвни садови.
Како што веќе кажавме, високиот крвен притисок ги оштетува крвните садови, со што може да се намали ефикасноста на бубрезите.
Кога, пак, ќе се случи ова, бубрезите може да откажат, па на крај да има потреба од дијализа или трансплантација на бубрег.
Оштетување на очите
Хипертензијата има влијание и врз очите.
Може да ги оштети крвните садови во ретината – состојба позната како ретинопатија што води до замаглен вид, ни и целосно губење на видот.
Може да се оштети и очниот нерв, што исто така има влијание врз видот.
Проблеми со сексуалниот живот
Луѓето со висок крвен притисок се изложени на поголем ризик од еректилна дисфункција.
Кај жените, високиот крвен притисок може да го намали дотокот на крв до вагината поради што може да се јави намалено либидо и сувост.
Спирова С. | Црнобело
