Осум причини зошто не треба да го поминете цел ден во седење
Дијабетес или компликации од истиот, проблеми со колковите и мускулите, па и зголемен ризик од рак се само дел од причините зошто не треба да го поминете цел ден во седење.

Ако работите во канцеларија, тогаш немате избор освен поголемиот дел од денот да го поминете во седење.
Доколку сте како повеќето, тогаш сигурно и кога ќе си дојдете од работа главно го минувате времето во седење.
Ќе ги завршите обврските низ домот, но потоа сепак седнувате да одморите или да изгледате филм или серија.
Но, постојаното седење со малку физичка активност не само што може да биде причина за прекумерна тежина, туку може да ви создаде и низа проблеми со здравјето.
Осум причини зошто треба да седите помалку:
Ослабени мускули на нозете и задникот
Ако постојано седите, мускулите во долниот дел од телото воопшто не се активираат, па со текот на времето слабеат.
А, кога овие мускули се ослабени, се зголемува ризикот од повреди, особено кај повозрасни луѓе, бидејќи веќе не ја нудат соодветната поддршка на телото.

Прекумерна тежина
Кога најголем дел од денот минувате во седење, телото нема да ги согори сите калории што ќе ги внесете и со текот на времето тие може да се акумулираат во масти.
Низа истражувања имаат покажано дека постојаното седење е причина за вишок килограми, поголем процент на масти и поголем обем на половината.
Исто така, ако минувате многу време во седење, се зголемува ризикот од појава на таканаречено висцерално сало.
Ова се маси кои се појавуваат околу виталните органи и се многу поопасни бидејќи можат да доведат до состојби како дијабетес.
Проблеми со колковите и мускулите
Постојаното седење може да биде причина и за болки во колковите и грбот. Кога ретко се движите, ослабуваат и мускулите на колковите.
Ако, пак, седите во лоша положба, ќе се соочите и со неправилно држење на телото.
Доколку често седите подгрбавени, тогаш создавате и притисок на ’рбетот што со текот на времето може да доведе до хронична болка.

Анксиозност и депресија
Некои истражувања покажале дека младите лица кои не се доволно физички активни е многу поверојатно да имаат симптоми на анксиозност и депресија.
Истовремено, истражувањата покажуваат дека физичката активност може да ги намали овие симптоми.
Зголемен ризик од рак
Анализа на истражувања открила дека постојаното седење го зголемува ризикот од неколку видови рак, вклучувајќи рак на јајниците и дебелото црево.
Се претпоставува дека причината за ова е тоа што постојаното седење може да предизвика хормонална нерамнотежа, отпорност на инсулин и хронични воспаленија – состојби кои можат да придонесат до раст на тумори.

Проблеми со срцето
Постојаното седење може да доведе и до низ проблеми со срцето. Кога седите, се намалува дотокот на крв до горниот дел од телото, а ова се одразува врз срцето.
Зголемен ризик од дијабетес
Луѓето кои минуваат многу време во седење имаат значително поголем ризик да се соочат со дијабетес тип 2. Од друга страна, физичката активност значително го намалува ризикот.
Ако веќе имате дијабетес и постојано седите, тогаш си го зголемувате ризикот од компликации.
Варикозни вени
Како што веќе спомнавме, ако постојано седите, се намалува дотокот на крв во горниот дел од телото, а крвта се „акумулира“ во долниот. Со текот на времето ова може да доведе до појава на варикозни вени.
Спирова С. | Црнобело
