Во кујна со Стефан Спирковски - Рецепт за здрави и брзи јапонски палачинки
Рецептите кои ги подготвува Стефан се со малку калории, лесни за подготовка и здрава верзија на некои од вашите омилени јадења. Овој пат тој подготви јапонски палачинки - румени однадвор, воздушестви и меки внатре и навистина вкусни.

Македонскиот фитнес инфлуенсер и модел, Стефан Спирковски, со своите следбеници на Инстаграм често споделува рецепти кои самиот ги подготвува.
Стефан е познат како човек кој се грижи за своето здравје и скоро секогаш се храни здраво.

Токму затоа и рецептите кои ги преферира се со малку калории, здрави, лесни за подготовка, а може да ги јадат сите - без оглед дали се на диета, сопствен режим на исхрана или сакаат да пробаат поздрава верзија на своето омилено јадење.
Овој пат Стефан подготви јапонски палачинки од само неколку состојки, а кои, истовремено се и вкусни и нискокалорични.

Потребни состојки:
- 5 јајца
- Прстофат сол
- Мед или агаве (количина по вкус)
- Малку цимет
- ½ ќесичка прашок за пециво
- Малку течен засладувач (без калории)
Начин на подготовка:
- Најпрво ги одвојуваме белките од жолчките во два длабоки сада.
- Во жолчките ставаме малку сол, малку мед (или агаве) и цимет, па со виљушка убаво ја соединуваме смесата.
- Во другиот сад, ги матиме белките додека не станат цврсти.
- Потоа додаваме половина пакетче прашок за печиво и малку течен засладувач без калории.
- Белките ги ставаме во садот со жолчките, па ги спојуваме двете смеси со лажица (не со миксер) за да се добие воздушната текстура.
- Палачинките се пржат во загреано тавче на средна температура (премачкано со малку масло).
- Ставаме од смесата, па ги поклопуваме палачинките со капак.
- Ги печеме додека не пораснат и заруменат од двете страни, а во средината да останат меки и бели.
- Пред послужување може врз нив да ставиме малку мед.
Видео постапка:
А. Ј. | Црнобело