Викторија од Кичево: „Мајка ми ме зачлени во библиотека на 10 години, имам над 500 книги - кои ми се омилени?“
Мој омилен жанр се трилерите и мистериите. Отсекогаш сум уживала во приказни исполнети со неизвесност, неочекувани пресврти и мистерии што ме држат во неизвесност до последната страница.
Токму затоа овие книги се и најзастапени во мојата домашна библиотека.
Секогаш со задоволство откривам нови автори и наслови од овој жанр, а чувството кога ќе пронајдам навистина добар трилер е непроценливо.
Иако читам и книги од други жанрови како романсиер, историски романи, новели, поезија, психолошки книги, психоаналитички романи, драми, белетристика - трилерите и мистериите секогаш имаат посебно место на моите полици и секогаш се мојот прв избор.

Мои омилени писатели се Себастијан Фицек, германскиот мајстор за трилери.
Токму со Фицек и започна мојата љубов кон трилерот како жанр, иако неговите книги се психолошки трилери.
Веднаш зад него е маестралниот Крис Картер со неговите крвави трилери.

Денес мојата домашна библиотека брои над 500 книги, а секоја од нив носи своја приказна, спомен и емоција.
Посебно место во мојата библиотека имаат делата од македонските автори.
Секогаш со задоволство ги читам и ги поддржувам, бидејќи и самата сум авторка и знам колку многу труд, посветеност, љубов и истрајност се вложени во создавањето на една книга.
Верувам дека секое домашно книжевно дело заслужува шанса да стигне до своите читатели и да ја раскаже својата приказна.

Книги купувам и кај нас и во странство, затоа што секогаш сум во потрага по нови приказни и автори.
Во просек читам 3 книги месечно, најмалку. Понекогаш и една дневно, тоа често ми се случува.
А колку пари издвојувам за книги, никогаш не пресметувам.
За мене, книгите не се трошок, туку инвестиција во знаење, инспирација и личен раст.

Кога денес ќе ја погледнам мојата библиотека со повеќе од 500 книги, знам дека сè започна со неколкуте книги што со гордост си ги купив во осмо одделение.
Оттогаш до денес, таа љубов само расте. И верувам дека секоја нова книга што ќе ја внесам во мојот дом ќе биде уште едно убаво поглавје од мојата приказна“.
