Викторија од Кичево: „Мајка ми ме зачлени во библиотека на 10 години, имам над 500 книги - кои ми се омилени?“
„Мило мое дете“, Роми Хаусман
„Мило мое дете“ е психолошки трилер кој уште од првите страници создава чувство на нелагодност и неизвесност.
Наместо да биде класична приказна за киднапирање, романот навлегува длабоко во психата на ликовите и покажува како траумата ги менува нивните животи.
Приказната започнува со мистериозна жена која успева да избега од долгогодишно заробеништво, но вистинските прашања допрва се отвораат.
Со секое ново поглавје, авторката открива нови детали што целосно ја менуваат сликата за настаните.
Раскажувањето од повеќе перспективи ја прави приказната уште понапната и го тера читателот постојано да ги преиспитува своите претпоставки.
Најсилната страна на романот е атмосферата која е мрачна, клаустрофобична и овозможува лесно да се поврзете со нивната борба.
Ова е книга што ја препорачувам на сите љубители на психолошки трилери, мистерии и романи со силна атмосфера, непредвидливи пресврти и приказна што не се заборава лесно.

„Детето“, Себастијан Фицек
Како некој што длабоко ја истражува психологијата, ќе уживате во тоа како Фицек ги анализира механизмите на паметењето и траумата.
Дали е можно сеќавањата да се пренесуваат, или станува збор за нешто многу пореално и поопасно?
Приказната го следи адвокатот Роберт Стерн, кој добива необично барање да се сретне со десетгодишно момче.
Детето тврди дека во својот „претходен живот“ било сериски убиец и знае детали за злосторства што никој не би требало да ги знае.
Од тој момент започнува опасна истрага во која границата помеѓу вистината, лагата и психолошката манипулација постојано се брише.
Ако сте љубители на ноар жанрот и психолошките загатки што ве тераат да го преиспитате сопствениот разум, „Детето“ мора да биде на вашата полица.

„Куклата од театарот“, Викторија Стојовска
За крај би ја препорачала мојата книга, „Куклата од театарот“, која е исто така во жанрот трилер и криминалистички роман, а доколку сакате да поддржите македонски млад автор оваа книга е за вас.
Театарската критичарка Каја Јанева добива покана за ексклузивна премиера, уверена дека ја очекува уште една вечер посветена на уметноста.
Но, кога актерка е брутално убиена на сцената пред очите на публиката, станува јасно дека претставата е само почеток на морничава игра.
Вовлечена во лавиринт од лаги, манипулации и опасни тајни, Каја започнува истрага што ја води зад кулисите на театарот, место каде секој има што да сокрие.
Единствените траги се морбидните пораки оставени во сценариото на убиецот, а секоја нова страница открива дека вистината е повознемирувачка отколку што можела да замисли.
Додека бројот на осомничени расте, а границата помеѓу реалноста и претставата исчезнува, Каја се наоѓа во трка со времето.
За да го запре убиецот, ќе мора да ја открие последната тајна пред и самата да стане дел од смртоносното сценарио кое некој е решен никогаш да не го спушти од сцената.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело