Викторија од Кичево: „Мајка ми ме зачлени во библиотека на 10 години, имам над 500 книги - кои ми се омилени?“
„Во просек читам 3 книги месечно, најмалку. Понекогаш и една дневно, тоа често ми се случува. А колку пари издвојувам за книги, никогаш не пресметувам. За мене, книгите не се трошок, туку инвестиција во знаење, инспирација и личен раст“, вели Викторија Стојовска, која освен што обожава да чита, и самата има издадено неколку книги.

Викторија Стојовска од Кичево (22) е страстен љубител на книги. Таа моментално ги завршува додипломските студии на Факултетот по психологија при Меѓународниот Славјански универзитет во Битола.
Чита од дете, а љубовта кон пишаниот збор ја наследила од својата мајка, која редовно позајмувала книги од градска библиотека, и ги читала со голема возбуда.
Денес, Викторија има голема домашна библиотека, свој книжевен блог, но таа е и писателка, во чија биографија се книгите „Парчиња од себеси“, „Своја“ и најновиот трилер „Куклата од театарот“.

А за љубовта кон книгите, но и кои ѝ се омилени, ни раскажа низ разговорот за CRNOBELO.com:
„Оваа љубов ја наследив од мојата мајка. Таа беше, и сè уште е пасиониран читател.
Речиси секоја недела позајмуваше книги од градската библиотека во Кичево, а јас со восхит ја гледав како се губи во страниците на секоја нова приказна.

Кога наполнив 10 години, ме зачлени и мене во библиотеката.
Тоа беше еден од најубавите подароци што можеше да ми го даде.
Од тој ден, книгите станаа мој најверен сопатник.

Првата книга која сама си ја купив беше „Лола и момчето од соседството“ од Стефани Перкинс, тинејџерска романса, потоа „Белешките на Лајла Грејс“ и „Карма“, кои во тоа време беа многу популарни книги од авторката Марија Јаневска.
И ден денес си ги чувам и секогаш кога ќе ги погледнам ме навраќаат на почетоците на читањето книги и на мојот сон еден ден да имам огромна домашна библиотека.
Тие беа моите први книги купени со мои пари. Не сакав само да ги прочитам како книгите од библиотека, сакав да бидат мои, да стојат на мојата полица и секогаш да можам повторно да им се навратам.
Токму тогаш започна и создавањето на мојата лична библиотека.

Својата страст за книги ја споделувам и преку мојот книжевен блог Читателката, но и преку Инстаграм и Тикток профилот, а читателите моите рецензии ги читаат и на Goodreads.
