Врзани сме за децата како слепи црева, им наоѓаме врски за сè и на крајот нè боли зошто не можат да се снајдат сами

Додека растев немавме многу. Да бидам искрен, бевме многу сиромашни. Многу деца, малку пари. Татко ми работеше од утро до мрак, мајка ми беше домаќинка. Бевме оставени сами на себе. Се снаоѓавме онака како што знаевме и умеевме.

Vrzani-sme-za-decata-kako-slepi-creva-01.jpg

Откако ги заработив првите поголеми пари на мои 19 години си купив нови фармерки, блуза, палто. Дотогаш ги доносував алиштата од моите постари браќа и сестри. Немаше врска дали блузата беше сина или црвена, дали била „машка“ или „женска“ боја. Битно беше да е здраво и да се поноси уште некоја година.

Посакував толку многу работи додека бев помлад. Сакав гитара, не можев да си ја дозволам. Сакав да патувам, не ми се оствари ниту таа желба, затоа што почнав да работам многу млад. Очајно посакував нов автомобил, а сè што можев да си купам беа некои „канти“ на старо кои ги поправав по неколку пати во годината. Сепак, ни вршеа работа.

Размислувајќи за сиромаштијата во која се родив и во која го поминав најголемиот дел од својот живот си ветив дека моите деца нема да се мачат вака. Моите деца ќе имаат сè! Не сакам никогаш да го осознаат зборот НЕМА или „почекајте да помине платата“.

Моите деца се центарот на мојот свет. За нив вреди секоја борба, секоја жртва. Не сум бил повеќе од 10 години на одмор со цел да ги покријам нивните летувања, зимувања, нивните воншколски активности, курсевите по странски јазици, фудбал, пливање, балет. Сè што посакале–тоа и го добиле, со многу жртви од моја и од страната на сопругата.

Ние на Балканот сме чудна сорта народ. Врзани сме за децата со папочна врвка со смртта. Се убедуваме себеси дека тоа е правилно и дека Американците на запад или оние од Скандинавија се премногу ладни луѓе кои не го разбираат вистинското значење на зборот „семејство“. Доколку тие не го разбираат, ние верувајте го злоупотребуваме.

Секоја жртва за децата кај нас е оправдана. Ти ако треба ќе мачкаш леб и паштета со недели, ама детето мора да ти носи скапи патики. Затоа што ќе биде исмејано на училиште доколку заостанува зад другарчињата, а не смее да се трауматизира. Не смее да биде тажно. Не смее да ја осознае вистината за светот во којшто живее.

Батали нè нас што ги слушавме родителите како се расправаат за пари до доцна во ноќта, како се жалат на високите сметки, како го кројат месечниот буџет да ни стигне за преживување. Моите деца немаат поим колкави се трошоците дома. Ние ги имаме лишено од овие грижи. Сме ги заштитиле како да се во некој убав меур од сапуница, а таму е сè безгрижно и среќно.

Тие „ам“ ние „на“! Немаат трпение за ништо. И со децата на моите пријатели приказната не е поинаква. Женските се грижат само за шминка, дотерување и излегување. Машките за истото, минус шминката. Сите сакаат да патуваат, да шетаат, да го видат светот, а не се способни да мрднат со малиот прст.

Од преголемата желба да ги заштитиме и да не ја осознаат сиромаштијата и маката која ја трпевме ние на својата кожа, ги претворивме сопствените деца во вистински, мали паразити.

Не, тие не се должни да ни извршуваат никакви домашни задачи. Тие се само за да учат. Арно и да учеа. Им фаќавме врски онака како што знаевме и умеевме за да поминат со сите петки или полесно да го положат испитот на факултет којшто веќе го паднале 2 пати.

Не ги оставивме сами да си ги бркаат работите. Дај тато ќе ти ја пополни уплатницата… дај мама ќе ти ја уплати партиципацијата. Јас ќе ти закажам сликање за пасош. Јас ќе те одвезам на пливање. И ќе те чекам час и 15 минути и ќе те вратам дома. Јас ќе бидам твојот родител и попатно личен: готвач, возач, чистач, слуга. Јас ќе бидам твојот роб!

Сега ни е криво зошто се толку разгалени и неспособни. Зошто не може да се снајдат самите, зошто им е криво времето во кое живееме, општеството, системот… Сите се против нив, тие немале шанса.

Како да им објасниш дека и во моето време општеството не беше фер, системот и тогаш беше скапан и не се добиваше шанса на „тацна“ доколку не си ја побараш или заслужиш самиот со своите способности…

Се сеќавате на оној меур од сапуница што го споменав? Тој не може да трае вечно. Еден ден ќе пукне. И нашите галени деца ќе мораат конечно да излезат од него и се соочат со реалноста.

Да, таа е сурова. Да, таа е горчлива. Но, ние сме виновни што не им дозволивме да ја вкусат порано.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg